Македонија

Куманово: Над 2.000 ученици ќе се запишат во средните училишта

21.05.2022 12:44

Во петте средни училишта во Куманово треба да се запишат над 2.000 ученици. Тие ќе одлучуваат помеѓу гимназиско и стручно образование. Предвидени се и дуални паралелки, за кои ќе добијат и стипендии...

Над 2.000 ученици треба да се запишат во петте средни училишта во Куманово, покажуваат податоците на Министерството за образование и наука. Во гимназијата „Гоце Делчев“ во прва година можат да се запишат 340 ученици, во девет паралелки со настава на македонски јазик, една паралелка на српски јазик, како и во билингвалната македонско француска паралелка. Во гимназијата „Сами Фрашери“ ќе се запишат 238 ученици, а во средното „Перо Наков“ ќе се запишат 445 ученици. Училиштето има економско-правна и трговска струка, текстилно-кожарска и струката уметничко образование.

„На 14-ти и 15-ти е првото пријавување од уписниот рок. Ќе се поднесуваат електронски документите, на 16-ти е прелиминарна ранг-листа истиот ден и на 17-ти се доставуваат лично документите, за да на 18-ти излезе конечната листа“, вели Мила Жибак, директорка на СОУ „Перо Наков“ Куманово.

Во „Наце Буѓони“, право на упис имаат 331 ученик со настава на македонски јазик. Учениците ќе можат да се одлучат за машинска, електротехничка струка и здравствена.

„Стандардно ние запишуваме ученици во сите паралелки а вообичаено најголем интерес има за електротехничар за компјутерска техника и автоматика. Оваа година очекуваме и голема заинтересираност за новиот профил, таа дуална паралелка за техничар за индустриска мехатроника“, вели Драган Јаневски, директор на ССОУ „Наце Буѓони“ Куманово

Во државното средно училиште „Киро Бурназ“ годинава можат да се запишат 386 ученици. Тие ќе одлучуваат помеѓу земјоделско ветеринарната струка, хемиско-технолошката, струката лични услуги, машинската, но и за два нови профили.

„За прв пат оваа година имаме воведено две нови струки со по еден профил. Првата е здравствена струка, во која имаме фармацевтски техничар и ова е дуална паралелка учениците ќе имаат стипендија и имаме сообраќајна струка со техничар за патен сообраќај која исто така а дуална“, нагласи Весна Трајковска, директорка на ДСУ РЦСОО „Киро Бурназ“.

Во средното општинско училиште „Исмет Јашари“ во Липково ќе се запишат 136 ученици.

Елена Георгиевска