Македонија

Охридските плажи и летово ќе останат неуредени

21.05.2022 17:16

Општина Охрид и Министерството за транспорт и врски, меѓусебно си ја префрлаат топката поради тоа што и ова лето македонскиот бисер нема да има уредени плажи по светски стандарди. И, додека тие меѓусебно се обвинуваат најмногу ќе загуби туризмот бидејќи гостите нема да ги имаат неопходните удобности додека одмораат и рекреираат долж брегот на охридското езеро...

И оваа туристичка сезона плажите на охридското крајбрежје нема да бидат уредени како што му доликува на најголемиот туристички центар во нашата земја. Од локалната самоуправа велат дека тоа се случува поради тоа што нема напредок во однос на Планот за управување со охридското крајбрежје заради што не можат да ги издаваат плажите под концесија.

„За да се донесе Планот на охридското крајбрежје треба да имаме соработка, односно да се заврши работата од страна на Агенцијата за просторно планирање и Министерството за транспорт и врски, а ние како општина и Секторот за урбанизам сме подготвени и подадовме рака опфатите каде што треба да има плажи врз основа на коишто планот ќе одреди, на пример 10,15,20 места каде што ќе се уредуваат плажи сме подготвени сами да ги вцртаме побрзо“, Кирил Пецаков-градоначалник на Охрид, вели Кирил Пецаков-градоначалник на Охрид.

Од друга страна од министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, при неодамнешната посета на Охрид, рече дека има јасно утврдени критериуми и законски процедури, како може општината да пристапи кон поставување на плажи согласно урбанистички план доколку тој се наоѓа во рамките на Генералниот урбанистички план.

„И за таквата процедура и постапка согласно новиот закон се изработува урбанистички проект којшто нема потреба да пристигне во министерството или во владата. Така што општина Охрид или која било друга општина којашто има таква потреба, има таква можност согласно Генералниот план и Планот за управување на УНЕСКО. Можат сами да си ги изработат тие планови и да донесат такви урбанистичко плански документации“, рече Благој Бочварски-министер за транспорт и врски.

И, додека локалната самоуправа и Министерството за транспорт и врски си ја префрлаат вината едни на други, Охрид и ова лето повторно ќе загуби дел од угледот што го ужива како туристички центар. Колку тоа негативно ќе се одрази ќе покаже сезоната што е пред нас, а можеби и идните.

 

Сашо Нелоски