Македонија

За неколку дена ќе нема зелка во струмичко

22.05.2022 09:30

Непланската сеидба на пролетната зелка ја направи дефицитарна. Европа ја бара ама ние ја немаме веќе. Извозниците велат дека побарувачката кога е најголема а паралелно се очекува и цената да расте, ние немаме што да понудиме...

Од наредната недела се очекува да нема веќе непродадена пролетна зелка од струмичкото поле, децидни се извозниците од регионот. Тие прстот го вперуваат кон непланското и неорганизирано засејување, не само на пролетната зелка туку и на целото производство во земјава, кој создава вакуум простор на пазарот. Односно, побарувачката кога е најголема а паралелно се очекува и цената да расте, ние немаме што да понудиме, вели извозникот Блажо Витанов.

Пазарот ја диктира цената, па така за наредниот период, Витанов смета дека не се очекува драстична промена во откупната цена на останатите производи кои треба да се појават на голема врата, пиперката, доматот, краставицата.

Наместо на производство на раноградинарски култури, производство што е интересно за извоз, тие се ориентираат на подоцнежно производство, со што понудата на пазарот се поклопува со понудата од пластениците, по што зголемената понуда негативно се одразува на профитот и на одржливоста, како на оранжериското така и на пластеничкото производство.

Стојне Митрева