Лиценцирани негователи ќе ги намалат социјалните случаи
Од амбициозни кариеристи до социјални случаи. Кога во еден момент ќе се случи член од семејството да мора да биде под надзор и да добие нега, работоспособни луѓе напуштаат работа и чекаат од државата. Министерството за труд и социјална политика преку проект ќе се обиде да ја намали институционалната зависност, плаќајќи им го трудот на негувачите...

Локни, исправена, фарбана или поткастрена. Марина Билбиловска, фризерка која 12 години била доктор за убавина на многу скопјанки. Но, сонот на оваа 61-годишна жена бил скршен, кога пред повеќе од две децении, на нејзината ќерка и била дијагностицирана церебрална парализа.
„За да можам да се посветам на своето дете, бидејќи немавме, и сега немаме не знам колкава заштита од државата, јас како и многу други родители го напуштив своето работно место, свесно, за да се посветам на своето дете! Повеќе од 20 години седев дома како и многу родители и го намалив и онака скромниот буџет на семејството“, рече Марина Билбиловска.
Ваква е судбината на многу луѓ,е кога ќе се соочат со потребата за нега на свој близок, така преку ноќ, многу од нив, од успешни кариеристи, стануваат социјални случаи кои чекаат помош од државата, притоа работejќи без престан грижејќи се за своите најмили. Преку проект, со поддршка од Швајцарската агенција за соработка и УНДП, државата преку развојот на социјалните услуги на локално ниво, ги приближува услугите до граѓаните, во нивното место на живеење и ќе им го наплаќа трудот на овие луѓе.
„Со цел за воспоставување и развој на локално ниво, Министерството за труд и социјална политика реализира проект за подобрување на социјалните услуги со вкупен расположлив фонд од 10,8 милиони евра за периодот 2020-2024 година обезбеден преку заем од Светската Банка“, изјави Јована Тренчевска, министерка за труд и социјална политика.
Од општините се бара детално мапирање на социјалните потреби и капацитетите за нивно решавање.
„Во секоја општина има различни потреби, различни ризици на социјална заштита и различни потреби од различни услуги и од тој аспект многу е важно да се запазат тие акциони планови,“, вели Арменд Григоријан, постојан претставник на УНДП.
Регионална соработка, но и акциски план со прецизни рокови, за да има успех. Сепак, општините во досегашната пракса се соочуваат и со други проблеми.
„Претходно беше забележано дека постојат многу слаби капацитети во однос на развивање на овие акциони планови па и на социјални услуги на крај и од тие причини потребно е да се зајакнат капацитетите на самите општини и на регионите во насока на развивање на социјалните услуги“, вели Гоце Прцуловски, од Сојуз на социјални работници.
„Општините кубурат со проблемот вработување посебно во делот на социјалата каде што ни се потребни извршители, затоа што социјалата значи да детектирате проблеми, да ги евидентирате и да изнаоѓате начини за нивно решавање. 17:49 Подолг период изнаоѓаме начин да имаме соработка со владини и невладини организации кои што се бават со социјални проблеми“, изјави Соња Палчева, од Општина Ѓорче Петров
Проектот се очекува да ја зајакне улогата на општините во планирањето, развојот и давањето на социјални услуги на локално ниво преку лиценцирани даватели на услуги.
Катерина Топалова
