Власта и опозицијата со различни ставови за ребалансот на Буџетот
Владата го реализираше најважното ветување за просечна плата од над 30 илјади денари. Обраќање на премиерот Ковачевски. Вели, не чека тешка зима во која сите сили ќе се вложат за намалување на ценовните шокови. Опозицијата критикува, инфлацијата ја изеде вредноста на парите...

Покачувањето на платите и вложувањето во стандардот на граѓаните е политика на која и остануваме доследни, вели премиерот Ковачевски во обраќањето по повод оствареното ветување за просечна плата над 30 илјади денари. Шефот на Владата, уверува дека се целосно подготвени да се справат со сите предизвици коишто претстојат, особено затоа што не чека тешка зима, а цените се зголемуваат.
„Малку кој веруваше дека ќе имаме просечна плата од 30.000 денари. Ова ветување беше мета на критика и потсмев, но со доследни политики успеавме да го реализираме. Во време на голема економска криза сфаќаме колку е значајно вложувањето во приходите на граѓаните и работниците. Со покачувањето на платите се штитиме од големиот раст на цените, а Буџетот го насочуваме онаму каде е најпотребно. Пред нас е тешка зима во која ќе ги вложиме сите сили да ги намалиме ценовните шокови“, рече Ковачевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ предупредуваат дека земјава се соочува со двоцифрена стапка на инфлација поради што вредноста на 30 илјади денари сега и пред една година не е иста. Од опозициската партија велат дека цените на основните производи се значително зголемени, стандардот на граѓаните е уништен, а над половина милион граѓани преживуваат со 150 денари дневно.
Власта и опозицијата имаат различни ставови и за ребалансот на Буџетот, чиишто контури викендов ги претстави министерот за финансии Бесими. Според СДСМ, со прекроената државна каса ќе се заштедат 200 милиони евра, ќе се обезбедат поголеми плати и пензии, ќе се поддржат стандардот на граѓаните и работата на компаниите.
Според ВМРО-ДПМНЕ, со ребалансот ќе се продлабочи економската криза, бидејќи се кратат парите за капитални инвестиции, со што велат дека државната каса ќе нема никаква развојна компонента, во време кога долгот ќе се зголемува.
Со ребалансот на буџетот, за капитални инвестиции се предвидени 520 милиони евра. Расходите се проектирани на 4,7 милијарди евра, приходите на 4 милијарди, економскиот раст на 3,2 проценти, а инфлацијата на 7,2 отсто.
Марина Тонева Стојанова
