Русија: Планираме да изградиме и распоредиме околу 50 нови ракети „Сармат“
Русија изрази подготвеност за продолжување на дијалогот со Украина, но нагласи дека топката е во дворот на Киев. Москва смета дека ново бојно поле ќе се отвори на Арктикот доколку военонеутралните Шведска и Финска влезат во НАТО...

„Подготвени сме да ги продолжиме разговорите со Украина, топката е кај Киев“, соопшти Русија. Официјална Москва со предупредување – фронтот може да се префрли и на Арктикот по одлуката на Финска и Шведска за членство во НАТО. До есен планираат да произведат 50 нови интерконтинентални балистички ракети „Сармат“.
Најжестоките борби и натаму се водат во Луганск. Донбас останува приоритет на руската операција. Според Украина, непријателот ги зацврстува позициите и во Црно Море. Фрегатата „Адмирал Макаров“ е новото засилување на флотата. Киев тврди дека бродот оди кон Одеса. Ќе го замени пловилото „Москва“ кое потона во април откако беше погодено со два проектила.
„Од 50 до 100 луѓе гинат секој ден на истокот на земјата. Тие ја бранат нашата држава и нашата независност за кои се зборува во целиот свет. Сите зборуваат, но само ние ги чувствуваме“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
На централниот плоштад во Киев беа изложени изгорени руски тенкови за да им се долови на жителите на главниот град сликата од војната во другите делови од земјата.
„Ваквите изложби се потребни за да секој Украинец, дури и оние што никогаш не биле во војна видат дека Украина се соочува со светски проблем, дека мора да ја штитиме татковината. Да сфати дека иако непријателот е далеку, тој може наскоро да ни се доближи.“
„Треба да ја покажеме ефективноста на работата на вооружените сили, територијалната одбрана и Националната гарда. Мора да се знае дека го елиминираме непријателот и дека ќе ја ослободиме Украина од инвазијата на противникот.“
Поради новите безбедносни случувања, ЕУ смета дека е потребно да создаде сопствени вооружени сили. Според шефот на европската дипломатија, блокот треба да работи во три насоки: зајакнување на борбената готовност на силите, квалитативно и квантитативно зголемување на постоечките капацитети во следните пет години, и развивање на клучни заеднички капацитети во подолг временски период.
Маја С. Филдишев
