Војната во Украина и ризиците врз светската економија во фокусот на Светскиот економски форумот во Давос
Почнува Светскиот економски форум во Давос. За прва пат ги нема руските олигарси и компании. Воениот конфликт во Украина, пандемијата и климатските промени пред шефовите на држави и влади...

По две години пауза поради пандемија, светската бизнис елита се враќа во швајцарскиот ски-центар на Алпите. Војната во Украина и ризиците за економското закрепување во фокусот на Светскиот економски форум во Давос.
„Геополитичките прашања со кои се соочуваме, војна во Украина, но и тешките состојби на многу други места во светот. Потоа климатските промени. Исто така, глобалниот раст забавува, а тоа мораме да го избегнеме. Слабото закрепнување на економијата доведува до нова рецесија која ќе предизвика невработеност и сиромаштија“, изјави Борџ Бренд, претседател на економскиот форум во Давос.
За првпат по 50 години Самитот во Давос се одржува во време на војна на европскиот континент. Претседателот на економскиот форум, пред почетокот на собирот во Давос изрази загриженост за проширување на конфликтот.
„Секако загрижени сме дека ова ќе се прошири на западен Балкан. И знаеме дека ако западен Балкан има криза, цела Европа има криза“, изјави Борџ Бренд, претседател на економскиот форум во Давос.
Поради војната во Украина, годинава за првпат во Давос нема да присуствуваат руските милијардери кои последниот светски економски самит беа најмногубројни. Украинскиот претседател Зеленски е првиот шеф на држава што одржал говор во Давос. И овојпат ја искористи можноста да го сврти светското внимание кон Украина и да повика за светот да испрати нова помош за земјата.
Освен војната во Украина и последиците по економијата, две илјади и петстотините учесници на петдневната конференција во Давос, ќе мораат да размислат како светот да справи со пандемијата со Ковид-19 од која светот сè уште е во опасност, климатските промени, сушата, недостигот на храна и зголемените цени на прехранбените производи, продлабочувањето на јазот меѓу богатите и сиромашните и авторитарните режими кои се повеќе добиваат замав. Во Давос учествуваат и над 50 шефови на држави и влади.
Маја Стојанова
