Пановски: Граѓаните не треба да се вознемируваат кога станува збор за заразата со мајмунски сипаници
Пановски вели иако болеста е заразна, шансите за смртност се прилично ниски. Со добри протоколи, во случај на појава на заболени граѓани, инфекцијата брзо може да се искорени, вели докторот. Главоболка, зголемена телесна температура и болки во мускулите се првите симптоми кои ги пријавуваат инфицираните, а потоа избива осип кој е сличен на оној од сипаницата варичела...

Нема опасност од инфекцијата со мајмунски сипаници. Смртноста е мала, под 1 процент, а заразата не се шири со брзина како онаа од Вариола вера – смирува микробиологот Пановски.
Освен грдиот изглед на кожата за кој лекарот вели дека потсетува на варичелата, најголемиот процент од заболените се опоравуваат без компликации. Се пренесува преку капки, со бакнеж, сексуален однос, и телесни течности на веќе повредена кожа.
Вакцината против „Вариола Вера“ во 85 насто штити и од мајмунски сипаници, но оваа вакцина не се користи веќе 50 години. Пановски вели дека во овој момент нема логика да се вакцинира населението, а властите може да размислат за имунизација единствено на оние кои би биле во контакт со заболен.
Анита Д. Велковска
