Македонија

Комисијата за мандатно- имунитетни прашања деновиве ќе дебатира за однесувањето на спикерот Џафери

23.05.2022 15:07

Деновиве ќе биде закажана седница на Комисијата за мандатно- имунитетни прашања на која ќе се дебатира за однесувањето на спикерот Џафери. Опозицијата бара одговорност, претседателот на Законодавниот дом со став, седниците се водат според деловникот и уставот..

Претседателот на Комисијата за мандатно-имунитетни и деловнички прашања, Панчо Минов за неколку дена ќе свика седница на која, согласно барањето на опозицијата ќе се дебатира за одговорност од спикерот на Законодавниот дом поради кршење на етичкиот кодекс.

Опозицијата тврди дека Џафери со недолични изрази ги навредил собраниските служби, за што има обезбедено тонска снимка и сведоци пратеници, кои во моментот биле присутни во салата.

Опозицијата и денеска на седницата побара Џафери да даде објаснување за однесувањето, но и за други работи кои според нив се спорни – недоаѓањето на претставници на власта во Собранието, незакажувањето координации.

Џафери рече дека има време да се реагира на обвинувањата од опозицијата, но посочи дека тој, седниците ги води според Деловникот и Уставот.

ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од спикерот Џафери и поради тоа што се сретнал со делегација од чеченски политичари, што според опозиционерите, не доликува на земја членка на НАТО.

Игор Панов