Во Охрид промовирана „Книга за светите браќа Кирил и Методиј“
Во пресрет на денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј, денеска во Охрид беше промовирано делото „Книга за ветите браќа Кирил и Методиј“, што го приредија Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски. На близу триста страници, во неа се поместени најзначајните кирилометодиевисти од Македонија, но и автори што го расветлуваат нивниот животен и творечки пат...

Култот на браќата Кирил и Методиј започнат уште во старословенскиот период, трае повеќе од 10 векови. Првиот оригинален словенски а истовремено и македонски просветител и писател, Свети Климент Охридски го крева на висок поетски пиедестал ликот, делото и заслугите на светите браќа, а преку црковно словенскиот период тој култ се возвеличи во времето на македонската преродба како силен отпор кон цариградската патријаршија. Ова при промоцијата на „Книга за светите браќа Кирил и Методиј“, го рече Славе Ѓорѓо Димоски кој заеднички со Димитар Пандев го приреди ова дело.
„И современиот македонски поет почесто се навраќа кон мотивот „Кирил и Методиј“ во своето творештво. Застапените песни во книгата се со високи уметнички вредности, но сите поети имаат различен индивидуален заглед кон мотивот „Кирил и Методиј“. Но, културниот код на Кирил и Методиј е произлезен од Македонија и длабоко е враснат во македонската културна традиција“, вели Славе Ѓорѓо Димоски, коприредувач на книгата.
Во книгата на 298 страници се поместени осврти, научни текстови, есеи, поетски творби и други објави низ коишто се претставуваат животот, делата и мисијата на светите браќа.
„Пред нас е дело што во најмала рака, уште еднаш ги потврдува сите определби што досега се кажани за овој простор. А тој простор во својата основа, ги содржи напорите и ги реактуализира, за жал, и по милениум заложбите на Светите Кирил и Методиј врамени во зборовите на апологијата на создателот на првата словенска азбука, во која и нашето право да зборуваме на својот јазик, така да се молиме, да тагуваме или да се радуваме“., вели д-р Бобан Карапејовски-промотор на книгата.
„Книгата за светите браќа Кирил и Методиј“ е во издание на општина Охрид и е дел од програмата за одбележување на Денот на сесловенската писменост.
Сашо Нелоски
