Ковачевски на средба со Папата Франциск: Грижата за најранливите и толеранцијата се вредности врз кои се продлабочува соработката со Ватикан
Премиерот Димитар Ковачевски во придружба на ќерката Тамара Ковачевска и делегацијата на Владата на Република Северна Македонија, којашто е во дводневна посета во Рим и Ватикан во рамките на традиционалните свечености во чест на 24 Мај - Денот на сесловенските просветители Светите браќа Кирил и Методиј, денеска беше примена од неговата светост Папата Франциск. За време на разговорот на средбата со Папата Франциск беше истакната улогата на Светите браќа Кирил и Методиј кои со својата мисија да го шират христијанството на јазик разбирлив за словенските народи извршија и мисија на поврзување на народите на Европа...

Премиерот Димитар Ковачевски во придружба на ќерката Тамара Ковачевска и делегацијата на Владата на Република Северна Македонија, којашто е во дводневна посета во Рим и Ватикан во рамките на традиционалните свечености во чест на 24 Мај - Денот на сесловенските просветители Светите браќа Кирил и Методиј, денеска беше примена од неговата светост Папата Франциск.
Претседателот на Владата Ковачевски имаше тет-а-тет средба со Неговата светост Папата Франциск, по што следуваше приемот на ќерката на претседателот на Владата како и останатите членови на делегацијата на Северна Македонија.
На аудиенцијата кај Светиот отец Франциск, како една од централните активности од програмата за чествување на животот и големото дело на Светите Кирил и Методиј, премиерот Ковачевски изрази благодарност за посетата на Папата Франциск на нашата земја во 2019-та година која што беше прва посета на предводник на Римокатоличката црква запишана како историска.
За време на разговорот на средбата со Папата Франциск беше истакната улогата на Светите браќа Кирил и Методиј кои со својата мисија да го шират христијанството на јазик разбирлив за словенските народи извршија и мисија на поврзување на народите на Европа.
Северна Македонија и Ватикан, беше нагласено на средбата, од воспоставувањето дипломатски односи од пред 28 години, со посветеност и меѓусебно почитување градат пријателство базирано на заеднички историски, културни и верски традиции и значајни ликови како Светите браќа Кирил и Методиј и Света Мајка Тереза.
На средбата беше поздравена отпочнатата иницијатива за потпишување на темелен договор (конкордат) помеѓу Северна Македонија и Светата Столица, за да се регулира статусот на Католичката црква во нашата земја и за унапредување на соработката во областите од взаемен интерес, особено во делот на соработката меѓу образованите институции и архивите на двете земји.
Премиерот Ковачевски истакна дека на огромно негово задоволство со Папата Франциск се согласија дека поддршката на најранливите наши сограѓани во време на криза е суштината на нашето делување. Почитувањето на разликите како еден од столбовите на градењето на општество во кое има место за сите е пресликана во традицијата на меѓурелигиска толеранција, почитување на разни верски убедувања како и негувањето на слободата и демократијата во Република Северна Македонија.
Премиерот Ковачевски на Папата Франциск му подари рачно изработен фрагмент со калиграфско пишување на рачна изработена хартија од пофалното слово на Свети Климент Охридски, бројаница со традиционален охридски бисер и филигран, како и винил плоча од македонскиот виртуоз Влатко Стефановски.
