СПЦ ја призна автокефалноста на МПЦ-OA, Архиепископот Стефан најави сослужение со Вселенскиот Патријарх
Светиот собор на СПЦ ставил на должност на Синодот во соработка со архиеписопот Стефан и неговиот Синод, да разработат техничко-организациски детали, по што ќе следи свеченото прогласување на официјален акт...
Српската православна црква (СПЦ) ја призна автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА). Одлуката ја соопшти поглаварот на СПЦ, Порфириј на заедничката литургија во Соборниот храм во Скопје. Упатен е Томос за автокефалност во Вселенската патријаршија на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Благодарение на вашите молитви воспоставивме единство, а сега браќа и сестри ви носиме уште една радост – Светиот архиерејски собор на Српската православна црква едногласно во пресрет на барањето на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Соборот на нашата црква ја благословува и одобрува афтокефалноста на МПЦ-ОА, рече српскиот патријарх Порфириј.
Тој додаде дека Светиот собор на СПЦ ставил на должност на Синодот во соработка со архиеписопот Стефан и неговиот Синод, да разработат техничко-организациски детали, по што ќе следи свеченото прогласување на официјален акт.
Потоа ќе бидат известени сите помесни православни цркви по својот каконски ред и тие да го прифатат автокефалниот статус на МПЦ-ОА, рече патријархот Порфириј.
Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, пак, денеска на заедничка литургија на МПЦ-ОА и СПЦ соопшти дека нашето благодарствено писмо и нашата молба за сослужение е прифатена и на роденденот на Црквата, на Педесетница, ќе сослужуваме во храмот на Вселенската Патријаршија во Фанар.
Еве, и во навечерието на ова торжество на љубовта, ни пристигна уште една радост – блага вест од Царицата на градовите – Константиновиот град: примено е нашето благодарствено писмо и нашата молба за сослужение е прифатена – па на роденденот на Црквата, на Педесетница, ќе сослужуваме во храмот на Вселенската Патријаршија во Фанар, истакна архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
Аархиепископот охридски и македонски посочи дека и нашата осумдесетгодишна заложба за самостојна Црква никогаш немала и нема за цел да нè оддели од Телото Христово, туку да ни дозволи и ние, подобно на другите православни народи, слободно да можеме да ја извршуваме својата мисија меѓу својот народ, овде, во татковината и насекаде по светот, до каде што нѐ има.
