Македонија

Подводниот локалитет Врбник ќе го истражува меѓународен тим археолози

25.05.2022 10:49

Археолози од Швајцарија, Германија и Полска ќе го истражуваат локалитетот Врбник во струшко. На праисториската наколна населба ќе се врши палео ботаничка анализа, која ќе го отслика начинот на животот на населението и нивната исхрана. Проектот е на министерството за култура...

Меѓународен тим археолози ќе го истражува подводниот локалитет Врбник. Првата фаза од истражувањата лани потврдија дека наколната населба датира од раното железно време. Палео-ботаничката анализа ќе го отслика начинот на животот на населението и нивната исхрана. Археолози од Швајцарија, Германија и Полска ќе истражуваат еден месец почнувајќи на 5 јуни годинава.

„Остатоци на семиња кои се останати во културолошките слоеви тие одредуваат со што сè се храни населението во тој период. Така да ќе имаме можност да видиме како се живеело и луѓето како се хранеле“, вели Валентина Тодороска археолог.

Ќе има отворен ден за јавноста да може да се запознае со вредните археолошки остатоци на локалитетот Врбник.

„Го одбравме 21-ви јуни„ Денот на Охридското езеро“, така да не само стручната јавност, туку и пошироката јавност ќе има прилика да се запознае со работата и резултатите. Има можност со дишник и маска да се види локалитетот а поискусните нели во водите ќе пробаат да бидат и дел од нашите активности“, вели Тодороска.

Праисториската наколната населба меѓу Струга и Калишта, која се наоѓа на 200 метри од брегот е откриена во осумдесеттите години од страна на локалните рибари. Има 500 колци и документиран е простор од 500 м2 со богат археолошки материјал. Првите истражувања започнале пред 23 години и траат до денес.

Соња Рилковска