Македонија

Охрид: Глаголицата е чисто македонска

24.05.2022 12:51

Светите браќа Кирил и Методиј ја создале словенската азбука врз база на македонското наречје во солунскиот регион, при што го издигнале македонскиот јазик на високо рамниште како јазик на целата словенска писменост. Ова го вели професор-доктор Димитар Пандев според кого глаголицата е чисто македонска за што говорат искажувањата на врвни светски слависти...

Преку научната приказна за Кирил и Методиј, во 19 век се преоткрива Македонија во славистиката и таа станува цел на славистиката. Тоа се случило благодарејќи му на Свети Климент Охридски, па така солунската приказна станува Охридска приказна, а од охридска станува сесловенска приказна. Ова го вели еден од најголемите познавачи на делото на светите браќа проф. д-р Димитар Пандев кој посочува дека импулсот зароден во оние солунски, македонски говори добиваат ново свето значење и на нив се преведуваат црковните книги.

„Кирил бил воодушевен од светот во којшто живеел,од мноштвото јазици. Тој бил полиглот но сето тоа што го знаел од многуте јазици што се зборувале на овој дел од светотч тој го насочил кон словенската азбука, воздигнувајќи го македонскиот јазик на високо рамниште,на рамниште на јазик на сета словенска писменост“ рече проф. д-р Димитар Пандев-Катедра за македонски јазик Филолошки факултет Скопје.

За славистиката од 19 век Кирил и Методиј биле мит, биле приказна, но токму оние ракописи коишто се нашле во Македонија и во преписи од Македонија ќе утврдат и ќе покажат дека приказната за Кирил и Методиј е вистинита. Вистинита е и нивната глаголица којашто подоцна еволуирала во современите словенски јазици.

„Но таа глаголица е чисто македонска, таа е обла и тоа го тврди славистиката од нејзините почетоци. Од времето на Јозеф Добровски преку Роман Јакобсон којшто јасно токму во Охрид ќе истакне дека Кирил е еден од најголемите поети на своето време и дека со своите песни на словенски јазик создадени врз македонското наречје тој станал поет поголем од византиските поети“, дополни проф. д-р Димитар Пандев.

Пандев посочува дека кирилометодиевистиката започнала уште во времето на Охридската книжевна школа со канонизацијата на солунските браќа во Охридската архиепископија,во средина во којашто претходно други личности не биле канонизирани.

Сашо Нелоски