Давос

Пендаровски во Давос учествува на панелот за безбедноста во Европа

24.05.2022 14:21

Светскиот економски форум во Давос посветен на војната во Украина и последиците по безбедноста, економијата, енергијата. Над 2500 учесници и 50 светски лидери меѓу кои и претседателот Пендаровски расправаат за решенијата како војната во Украина да не ескалира и да се намали инфлацијата што уследи. Пандемијата и последиците од климатските промени се предизвик со кој светот се што се соочува, порачаа учесниците на економскиот форум во Давос...

Безбедносната ситуација во Европа, по руската инвазија во Украина и кризните состојби со инфлацијата, енергијата, храната и климатските промени се главните теми на Светскиот економски форум во Давос, каде учествуваат 50 светски лидери. Рускиот напад врз Украина предизвика двете неутрални држави, Шведска и Финска да се придружат на алијансата, истакна генералниот секретар на НАТО, Столтенберг.

„Војната на претседателот Путин во Украина го наруши мирот во Европа. Ова ги смени правилата, не само за европската безбедност туку и за глобалниот ред. НАТО има две фундаментални задачи како одговор на руската агресија. Да обезбеди поддршка на Украина и да спречи ескалација на војната. Главната цел на НАТО е да ги штити сите сојузници“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.

Претседателот Пендаровски учествува на Светскиот економски форум на панелот посветен на одржувањето на безбедноста во Европа, со генералниот секретар на НАТО Столтенберг, премиерот на Белгија Александар де Кро и министерката за одбрана на Холандија Кајса Олонгрен. Шефот на државата ќе учествува и на сесијата „Дијалог за дипломатијата на Западниот Балкан“. Германскиот заменик канцелар, Роберт Хабек, предупреди дека економската криза поради војната во Украина ќе предизвика инфлација и намалување на глобалниот раст.

„Сè повеќе компании и држави покрај пандемијата се соочуваат и со проблеми за снабдување со енергенси, како директна последица од војната на Путин во Украина. Ова само ја зголеми европската решителност брзо да се ослободиме од зависноста од руски фосилни горива“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседател на Европската комисија.

Според Меѓународната конференција на хуманитарни организации, на секои 30 часа пандемијата создавала еден милијардер поради рекордниот раст на цената на основните производи.

 

Ирина Гелевска