Историски ден: Српскиот собор едногласно ја призна автокефалноста на МПЦ - ОА
Вековниот сон се оствари, Македонската православна црква во Соборниот храм „Свети Климент“ призната од Српската православна црква. Радосната вест ја обзнани српскиот патријарх Порфириј во беседата на заедничкото богослужење на архиереите од двете сестрински цркви...

Историјата се испишува. Српскиот собор едногласно ја призна автокефалноста на Македонската православна црква - Охридска архиепископија.
Радосната вест ја обзнани српскиот патријарх Порфириј во беседата на заедничкото богослужење на архиереите од двете сестрински цркви.
„Бог ни даде ден во кој дочекавме да ја слушнеме одамна посакуваната и очекувана вест“ рече поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан во беседата по заедничката литургија.
„55 години седевме и чекавме на тремот, не наоѓајќи некој да се погрижи за нас“, посочи македонскиот архиепископ.
Историски ден за македонската црква, држава и верниците кои со солзи радосници и френетичен аплауз ја дочекаа посакуваната вест за самостојноста на македонската црква.
Останува надежта дека веќе на 12-ти јуни, МПЦ-ОА ќе добие Томос од Вселенската Патријаршија, кога во Фанар, во Цариград ќе се случи заедничката богослужба со која ќе чиноначалствуваат македонскиот архиепископ Стефан и вселенскиот патријарх Вартоломеј.
Миле Ристески
