Тексас

Бајден: Кога ќе се спротивставиме на лобистите

25.05.2022 10:38

Масакр во Тексас. Убиени 19 ученици и двајца возрасни откако 18-годишник вооружен со пиштол и со автоматско пушка пукал во основно училиште. Бројот на ранетите сè уште не е утврден, но две лица се во критична состојба. Напаѓачот е застрелан од полицијата. Се истражуваат мотивите за нападот...

Најмалку 19 ученици и двајца возрасни се убиени во пукање во основно училиште во Тексас. Осомничениот 18-годишен Салвадор Рамос, ученик во средно училиште е ликвидиран од полицијата. За најкрвавиот оружен напад во последнава деценија во основно училиште мотивот е непознат, полицијата смета дека напаѓачот дејствувал сам.

„Сè уште работиме на оваа активна истрага. Откако ќе успееме да обезбедиме информации за семејствата, ќе го сториме тоа пред сè. Натрапникот е починат и не бараме друго лице или други осомничени во овој случај“, изјави Пит Аредондо, началник на полицијата на независен училишен округ Увалде.

Според властите, однесувањето на момчето во последно време било променето. Момчето во последниот период се однесувало агресивно. Според наводите од Министерството за јавна безбедност во Тексас, тој прво пукал во својата баба, по што вооружен со најмалку една пушка се качил во својот автомобил.

„Сакам да ви кажам дека она што се случи во Увалде е ужасна трагедија што не може да се толерира во државата Тексас. Стрелецот бил Салвадор Рамос, 18-годишен маж кој живеел во Увалде. Се верува дека го оставил возилото и со пиштол влегол во основното училиште Роб во Увалде. А можеби имал и пушка, но тоа сè уште не е потврдено“, изјави Грег Абот, гувернер.

Американскиот претседател Џо Бајден апелира за построги закони за носење оружје и прашува – кога ќе се спротивставиме на лобистите?

„Идејата дека 18-годишно дете може да влезе во продавница за оружје и да купи оружја за напад е едноставно погрешна. За што ви треба оружје за напад освен да убиете некого? За волја на Бога, треба да имаме храброст да се спротивставиме на индустријата“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

Американскиот Конгрес во повеќе наврати не успеа во обидот да се усвои закон за контрола на оружјето, а блокирањето се припишува првенствено на притисоците од моќното лоби – Национално стрелачно здружение.

Маријана Димовска