Кристин Лагард: Видувањата дека кризата во Грција завршила се далеку над реалното

11.04.2014 00:49

Светската економија напредува, но економскиот раст се уште е мал и недоволен, заклучија првите луѓе на ММФ и Светска Банка на пролетната сесија во Вашингтон.

Македонија е една од ретките држави за која ММФ прогнозира економски раст од 3,2%, со тенденција да достигне 4% за четири години. Сите напори на грчката влада да претстави дека завршила кризата пропаднаа на прес-конференцијата на Директорката на ММФ Кристин Лагард, која ја потсети Атина дека има уште многу работа.

„За случајот на Грција, таа земја се уште е во програма за помош на ММФ. Неодамна само што одобривме обнова на програмата што покажува дека по дискусиите и работата што е завршена од грчките власти и народот, дека прогресот е на пат. Но вашите видувања дека кризата завршила се далеку над реалното“, рече Кристин Лагард- Извршен Директор на ММФ.

ЕУ е во опасност од дефлација што штетно ќе влијае на растот и работните места. Според Светска Банка, една милијарда луѓе во светот живеат во екстремно сиромашни земји, а излезот е само со економски раст да се отворат нови работни места.

„Загрижени ни сме дека динамиката на реформите ќе биде забавена во овој период по кризата. Фокусот под итно мора да се врати на структурните реформи. Дури и мало назадување може да резултира милиони семејства да паднат во сиромаштија наместо да ја избегнат“, рече Џим Јонг Ким-Претседател на Светска Банка.

Како да се дојде до одржлив економски раст што во наредните 10 години би требало од сегашните 3,6% на светско ниво да се зголеми за најмалку уште 2%, ова е главна тема на дискусиите на 188 земји членки на ММФ и СБ. Првите луѓе на финансиските организации предупредуваат дека во светот има 2 милијарди невработени и дека развиените држави треба да имаат подисциплинирана монетарна политика, а земјите во развој да внимаваат на нивото на долгот.

Првите луѓе на ММФ и СБ најавија реформа на овие меѓународни финансиски организации. Реформата во Светска Банка значи отпуштање на 1000 вработени до јули оваа година.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник на МРТ од Вашингтон