Воен конфликт

Руската војска ги интензивира операциите во Северодоњецк

25.05.2022 12:59

Лидерот на доњецките сепаратисти најави основање на трибунал за припадниците на баталјонот „Азов“. Шведска делегација во Анкара на преговори за приемот во НАТО.

Жестоки битки во Донбас. Индустрискиот центар на Украина останува примарна цел на руските сили. Трупите веќе зазедоа термоцентрала, сега ги интензивираат напорите за опсада на Северодоњецк.

„Ова е пекол. Прво, секој ден не гранатираат. Второ, има премногу мртви. Трето, хуманитарни проблеми“.

„Целиот град стана фронт. Опкружен е, има тенкови, гледаме камиони околу градот, ми се чини дека ќе падне“.

„Мојата земја умира. Претешко е, штета, лошо е. Но ќе победиме. Сè ќе биде добро“.

Лидерот на доњецките сепаратисти Пушилин најави формирање на трибунал за војниците од баталјонот „Азов“. Судењето ќе се одвива во неколку етапи. Првата ќе биде во Мариупол.

„Руската инвазија почна на Крим. Тоа им беше првата грешка во списокот грешки на Русија кон Украина, но првата фатална за Русија. Исто така и Херсон, Енергодар, Мариупол и сите други градови и заедници каде што се преправаат дека се господари“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Градоначалникот на Киев Кличко го искористи учеството на економскиот форум во Давос за да ги повикаат светските лидери да ги зголемат санкциите за Русија.

„Војната во најголемата земја во Европа може да ја дестабилизира ситуацијата во целиот регион. Војната може да допре до секој во Европа, и во светот. Не смееме да заборавиме дека Украина има пет нуклеарни централи и една од нив гореше пред неколку недели. Ако експлодираат, катастрофата ќе биде поголема од Чернобил“, изјави Виталиј Кличко, градоначалник на Киев.

Британија предупреди дека блокадата на украинските пристаништа ќе ги зголеми цените на основните производи. Руското Министерство за одбрана соопшти дека пристаништето во Мариупол функционира нормално, но и дека не се исклучува можноста за разговори за деблокада на останатите. Москва изрази и подготвеност за коридор преку кој би излегувале бродовите со храна.

Во Анкара допатува шведска владина делегација на преговори со турските функционери за приемот во НАТО. Претседателот Ердоган е против членство на Шведска и Финска во Сојузот поради убеденост дека овие скандинавски земји поддржуваат терористи.

Маја С. Филдишев