Бројот на ранетите во Увалде сè уште не е утврден
Шок и неверување по масакрот во Тексас. 19 ученици и двајца возрасни се убиени откако 18-годишник со огнено оружје пукал во основно училиште. Бројот на ранетите сè уште не е утврден, но две лица се во критична состојба. Напаѓачот е застрелан од полицијата. Американскиот претседател Џо Бајден апелира за построги закони за носење оружје. Демократите во Тексас побараа мерки за контрола на оружјето...

Светот во неверување и со осуди за масакрот во Увалде, Тексас во кој најмалку 19 ученици и двајца возрасни се убиени во основното училиште Роб. Има и повредени со сериозни последици. Напаѓачот Салвадор Роландо Рамос, ученик во средно училиште е ликвидиран од полицијата. Според наводите од Министерството за јавна безбедност во Тексас, Рамос прво пукал во својата баба, по што вооружен со најмалку една пушка се качил во својот автомобил и се упатил кон училиштето каде што отворил оган.
„Не очекував дека нешто вакво ќе се случи овде. Лицето што го направи ова беше средношколец. И баба му ја знам, онаа што ја застрела. 66-годишната. Ја застрела пред да оди да прави што и да прави. Не можев да верувам“, изјави жител на Увалде.
За најкрвавиот оружен напад во последнава деценија во основно училиште мотивот е непознат, полицијата смета дека напаѓачот дејствувал сам. Според познаници на средношколецот, цитирани од американски медиуми, однесувањето на момчето во последно време било променето и агресивно. Рамос наводно го напуштил училиштето откако редовно бил малтретиран. Во неколку извештаи се наведува дека имал нарушен семеен живот со чести расправии со неговата мајка, која наводно е зависник.
„Сè уште работиме на оваа активна истрага. Откако ќе успееме да обезбедиме информации за ќе известиме. Натрапникот е починат и не бараме друго лице или други осомничени во овој случај“, изјави Пит Аредондо, началник на полицијата на независен училишен округ Увалде.
Претставниците на Увалде изјавија дека кампусите се затворени веднаш по истрелите.
„Сакам да ви кажам дека она што се случи во Увалде е ужасна трагедија што не може да се толерира во државата Тексас“, изјави Грег Абот, гувернер.
Демократите во Тексас побараа мерки за контрола на оружјето. Американскиот претседател Џо Бајден апелира за построги закони за носење оружје. Конгрес во повеќе наврати не успеа во обидот да се усвои закон за контрола на оружјето.
„Идејата дека 18-годишно дете може да влезе во продавница за оружје и да купи оружје за напад е едноставно погрешна. За што ви треба оружје освен да убиете некого? За волја на Бога, треба да имаме храброст да се спротивставиме на индустријата“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.
Ужаснати од случувањата во Тексас, американските актери и музичари испратија порака по масакрот „Доста е. Земјата мора да се промени“. Според студија објавена во април, смртните случаи од огнено оружје се водечка причина за смрт кај американските деца и тинејџери, надминувајќи го бројот на сообраќајни несреќи.
Маријана Димовска
