Тренчевска: Унапредувањето на човековите права, еднаквост и борба против секаков вид на насилство е наш приоритет и одговорност
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска имаше воведно обраќање на тркалезната маса на тема „Заедно до брзо решение на насилството врз жените и семејното насилство“, организирана од Сојуз – Национален совет за родова рамноправност...
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска имаше воведно обраќање на тркалезната маса на тема „Заедно до брзо решение на насилството врз жените и семејното насилство“, организирана од Сојуз – Национален совет за родова рамноправност.
Министерката Тренчевска истакна дека брзите решенија во справувањето со насилството врз жените, се приоритет на Владата и Министерството за труд и социјална политика и не само справување со акутното насилство туку и долгорочно решавање на секој индивидуален случај на насилство врз жените.
„Родово базираното насилство врз жените и семејното насилство се јавува во сите општества дури и во најразвиените држави можеби некаде е повидливо, а некаде затскриено, но тоа постои и затоа пред него не смееме ниту да молчиме, ниту да го игнорираме. Напротив, треба да ја подигнуваме свеста за негово препознавање и постапување“,рече Тренчевска.
Република Северна Македонија беше меѓу првите земји што ја потпишаа Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (Истамбулска конвенција) за која во декември 2017 година, Собранието на Република Северна Македонија го усвои Законот за ратификација. Инструментот за ратификација беше предаден на 23 март 2018 година, а Конвенцијата влезе во сила на први јули 2018 година.
Во насока на имплементација, Владата на Република Северна Македонија во 2018 година усвои „Акциски план за спроведување на Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство на Република Македонија 2018-2023.
„Врз основа на активностите кои произлегуваат од Првата стратешка цел на Акцискиот план за спроведување на Конвенцијата во 2021 година донесен е Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство. Законот e целосно усогласен со Истанбулската конвенција и има за цел проширување на системот на превенција и заштита на сите облици на родово базирано и семејно насилство, „истакна Тренчевска.
Таа рече и дека Министерството за труд и социјална политика посветено работи на унапредувањето на системот за справување со родово базираното насилство врз жените и семејното насилство. Во тој контекст се подготвија пет (5) подзаконски акти кои се однесуваат на итните и привремени мерки за постапување и дополнително се работи интензивно на уште 3 подзаконски акти со што ќе се обезбеди сеопфатен пристап, координиран мултидисциплинарен одговор како и систем за градење на капацитетите на професионалците, интегрирано собирање на податоци како и реинтеграција на жртвите на родовото базирано насилство врз жените и семејното насилство во согласност со меѓународните стандарди.
„Министерството за труд и социјална политика на територијата на Република Северна Македонија има воспоставено специјализирани сервиси за жени жртви на родово базирано насилство и семејно насилство во 7 плански региони на територијата на РСМ. Воспоставени се 13 Центри за жени жртви (и нивните деца) на семејно насилство, 10 специјализирани советувалишта за жени жртви на насилство и семејно насилство, 8 специјализирани советувалишта за психо-социјален третман за сторители на семејно насилство“, рече Тренчевска.
