Шпанска фиеста во четвртфиналето!
Две шпански екипи, Валенсија и Севилја , потоа Јувентус и Бенфика се полуфиналистите во УЕФА Европа лигата. Очекувано, најмногу возбудувања понудија реваншите на Пиринејскиот полуостров.

Валенсија е првата екипа во европската лига што надополнила негатива од 3:0 од првиот натпревар и по продолженија со домашни 5:0 го елиминираше Базел. До дополнителни 30 минути екипата од Месталја ја донесоа Пако Алкасер со головите во 38-та и во 70-та и Варгас со погодокот во 42-та минута. Откако Базел остана без исклучените Диаз и Сауро, Валенсија постигна уште два гола. Хет - трик во 113-та минута на 20 – годишниот Пако Алкасер или вкупно седум гола за позцијата втор стрелец во УЕФА Европа лигата, зад сонародниот од екипата на Салцбург, Сориано кој има осум. Блескавата вечер во Валенсија ја круниса Бернат во 118-та минута за конечни 5:0 и за трето полуфинале во ова натпреварување.
Севилја пак, е само втората екипа што од квалификациите стигнала до големата четворка. Иако на „Драгао“ загубија со 1:0, Шпанците на реваншот на домашен терен го прегазија Порто со 4:1 благодарение на фуриозниот почеток кога за 30 минути поведоа со 3:0 со головите на Ракитиќ од пенал, на Витоло и на Бака. Во второто полувреме Порто преку Кварезма двапати ја погодуваше пречката, но место драматична завршница Португалците и со играч повеќе примија четврти гол. По вториот жолт картон на Коке, Французинот Гамеиро со петиот гол сезонава и обезбеди недостижни 4:0 на Севилја. Во судиското надополнување Кварезма постигна гол којшто ќе се памети по атрактивноста, но остана без вистински ефект на крајниот резултат.
Тројниот победник на Купот на УЕФА, Јувентус најважниот дел од четвртфиналниот дуел со Лион го заврши на гостувањето на „Жерлан“ кога славеше со 1:0, па на сопствената „Арена“ само ја доврши обврската со победа од 2:1. Пирло во 4-та, Бриан во 18-та за гостите и Маркизио во 68-та минута беа стрелци на головите. „Старата дама“ ќе се обиде да биде само втората екипа по Феенорд во 2002-та што би го освоила пехарот во финалето на својот стадион. Мечот за трофејот ќе се одигра на 14 мај на „Јувентус Арена“ во Торино.
Ланскиот финалист Бенфика продолжува да го гради патот кон третиот завршен меч во второто по вредност европско натпреварување. По гостинските 1:0, Португалците и на „Луж“ беа подобри од АЗ Алкмар и тоа со 2:0, со головите на Родриго во 39-та и во 71-та минута.
Во утрешното извлекување на полуфиналните двојки ќе има двајца европски шампиони Јувентус и Бенфика и три екипи што го освојувале пехарот во Купот на УЕФА или Европа лигата, повторно Јуве, Валенсија и Севилја.
