Џафери вели дека не го прекршил Кодексот за етичко однесување со односот спрема службениците во Собранието
Спикерот Џафери не чувствува одговорност да се извини на собраниските службеници кон кои се обрати со погрдни зборови. Според него, грешката е кај службениците, бидејќи не работеле. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Собранието го дочекаа со транспаренти, испишани со неговите навредливи зборови. Побараа да одговара за прекршување на етичкиот кодекс. Од СДСМ го повторија ставот дека Матичната комисија треба да го разгледува случајот...

Претседателот на Собранието Талат Џафери на брифинг со медиумите рече дека не чувствува потреба да им се извини на службениците за кажаните зборови што се слушаат на неодамна објавената аудиоснимка. „Јас немам објаснување за тоа, во смисла на објаснување. Јас сум претседател на Собранието и со Деловникот на Собранието е пропишана мојата надлежност. Меѓу другите надлежности е да ја следам работата на службата. Покрај тоа треба да создадам услови и предуслови за работа на службата“ вели спикерот. Според него, псовките не биле кон вработените, туку кон односот што го имаат кон работата. Тие, според Џафери, доставиле погрешни материјали за седницата. Откако Талат Џафери изјави дека не чувствува потреба да се извини, од ВМРО-ДПМНЕ реагираат и бараат негова оставка од функцијата. Џафери е срам за државата и позицијата која ја носи. Џафери да се охрабри и да признае што направил, а потоа да си поднесе оставка веднаш“, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Ароганцијата и забеганоста немаат нација, но имаат име и презиме – Талат Џафери, сметаат во партијата.
Во владејачката СДСМ пак повторија дека нема да коментираат ништо во однос на настанот со спикерот Џафери, зашто сметаат дека најпрво мора да минат сите процедури во Комисијата за мандатно имунитетни и деловнички прашања. Доколку во комисијата се изведат докази кои укажуваат на нечија одговорност, тогаш ние ќе заземеме конечен став по ова прашање. Посочија социјалдемократите.
Се очекува во наредниве денови да заседава Комисијата за мандатно имунитетни и деловнички прашања на која треба да се расправа по пријавата на ВМРО-ДПМНЕ за кршење на етичкиот кодекс од страна на Џафери. Тие како доказ ја понудија тонската снимка од собранискиот канал и сведоци-пратеници кои присуствувале на настанот.
Игор Панов
