Продолжуваат жестоките битки во Донбас, во Одеса мирно
Продолжуваат жестоките битки во Донбас, индустрискиот центар на Украина. Според гувернерот на Чернихив ситуацијата во регионот е олеснета. Рускиот претседател, Путин, потпиша указ за доделување државјанство на руската федерација на жителите на регионите Запорожје и Херсон.

Жестоки битки во Донбас. Индустрискиот центар на Украина останува примарна цел на руските сили.
„Ова е пекол. Прво, секој ден не гранатираат. Второ, има премногу мртви. Трето, хуманитарни проблеми“.
„Целиот град стана фронт. Опкружен е, има тенкови, гледаме камиони околу градот, ми се чини дека ќе падне“.
Гувернерот на Чернихив вели дека ситуацијата е олеснета во регионот. Рече дека пограничните области се гранатирани, но дека нема убиени или ранети.
„Сега е релативно мирно во регионот. И во текот на денот и ноќта, непријателот продолжува да ги гранатира пограничните територии на нашиот регион. Нема загинати или повредени. Но сите се сеќаваме дека во неодамнешното гранатирање на населбата десна имаше жртви“, изјави Вјачеслав Чаус, началник на воената управа на Черниховската област.
Украинскиот претседател Зеленски изјави дека 87 лица биле убиени во руски напад, на почетокот на месецов врз воена база во северна Украина.
„Руската инвазија почна на Крим. Тоа им беше првата грешка, во списокот грешки на Русија кон Украина, но првата фатална за Русија. Исто така и Херсон, Енергодар, Мариупол и сите други градови и заедници каде што се преправаат дека се господари“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Руската војска соопшти дека Мариупол повторно функционира по тримесечни борби.
„Завршено е деминирањето и демилитаризацијата на морското пристаниште во градот Мариупол на Доњецката Народна Република, кое беше ослободено од украинските милитанти. Почна да функционира секојдневно“, изјави Игор Конашенков, главен портпарол на руското Министерство за одбрана.
Во Одеса, јужна Украина се чини дека е мирно, на улиците има музика, пазарите се отворени, но се затворени институциите и дневните центри.
„Децата се секако флексибилни, но кога слушаат сирени и експлозии од ден на ден, можете да го насетите тоа на нив“.
Рускиот претседател, Путин, потпиша указ за доделување државјанство на Руската федерација на жителите на регионите Запорожје и Херсон во Украина, кои се под контрола на руските сили.
Марина Ристова
