Воен конфликт

Зеленски ги отфрли предлозите за територијални отстапки во корист на Русија

26.05.2022 10:13

Руските сили нападнаа 40 градови во источниот регион – соопшти украинската Армија. Зеленски остро ги отфрли предлозите за територијални отстапки во корист на Русија за крај на војната. Жестоки борби во Доњецк..

Украинскиот претседател Зеленски остро ги отфрли предлозите дека владата во Киев треба да направи територијални отстапки во корист на Русија за да се стави крај на војната. Тој ги критикуваше изјавите на поранешниот американски државен секретар, Хенри Кисинџер на Светскиот економски форум во Давос.

„Оние големи геополитичари“ кои го сугерираат ова ги занемаруваат интересите на обичните Украинци – милиони кои живеат на територијата за којашто тие предлагаат да се отстапи за илузија на мир. Се добива впечаток дека господинот Кисинџер на својот календар не ја има 2022, туку 1938 година“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Битката за Северодоњецк, продолжува. Жестоки борби се водат и во соседен доњецк.

„Не е тајна дека руските трупи навистина постигнаа привремен тактички успех во некои области, но погрешно е овие акции да се толкуваат како повлекување на украинските сили“, изјави Олександр Мотузјаник, портпарол на Министерството за одбрана на Украина.

Москва изминативе неколку дена масовно ја прошири офанзивата околу Северодоњецк и Лисичанск – последните места во Луганск каде Украина сè уште им се спротивставува на руските војници. Гранатирани и околните села на Харков.

„Гранати летаа над селото. Се надевавме дека нема да не погодат, но го уништија целото село“, рече Татјана Братченко, жител на Безруки, регион на Харков.

Украинските поморски пристаништа остануваат блокирани од руската црноморска флота, што го осакатува извозот на жито и масла. Влијанието најмногу го чувствуваат трговците, а Украина губи милиони долари.

„Порано имавме промет од околу 6 милиони тони преку пристаништата и другите транспортни центри, сега сме на 600 до 700 илјади месечно“, рече Виталиј Лавров, трговец со жито.

За Украина, блокирањето на пристаништа е јасна уцена за да се спротивстави на брзорастечката инфлација и намалување на куповната моќ во Русија, Путин најави зголемување на пензиите и на минималната плата за 10 насто од 1-ви јуни. Се намалува и невработеноста-тврди Путин.

„Стапката на невработеност кај нас не расте, дури е и пониска. Да бидам искрен, тргнавме од фактот дека пораст на невработеноста е можен, а таа сега се намалува“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.

Путин наложи да им се зголемат платите и на руските војници кои служат во воената операција во Украина која влегува во четвртиот месец.

Бојана Крстевски