Македонија

„Тремоло“ по 13-ти пат во Скопје

26.05.2022 11:31

Меѓународниот фестивал за гитара „Тремоло“ годинава ќе го реализира своето 13-то издание од 1 до 8 јуни. Фестивалот е во организација на Детскиот културен центар „Карпош“ и е единствен од ваков вид кај нас..

Меѓународниот фестивал за гитара „Тремоло“ годинава ќе го реализира своето 13-то издание од 1 до 8 јуни. Фестивалот е во организација на Детскиот културен центар „Карпош“ и е единствен од ваков вид кај нас.

На задоволство на публиката, и годинава ќе се одржат неколку концерти, традиционалниот интернационален натпревар за класична гитара во сите ученички, средношколски и студентски категории, како и мастерчасови.

Натпреварите ќе се одржуваат онлајн од 1-5 јуни, а во живо ќе се одржат неколку концерти и тоа на 4 јуни на гитаристот Лука Романели, минатогодишен победник на „Тремоло“, во „Даут пашиниот амам“ во 19,30 часот. На 6 јуни концерт ќе одржи Милош Вуковиќ во Музејот на македонска револуционерна борба од 19.30 часот. На 7 јуни е закажан концертот на Хозе Карлос Гомез во Македонската филхармонија од 19,30 часот. Последниот во серијата концерти е на 8 јуни на Горан Кривокапиќ во Македонската филхармонија во 19,30 часот.

За најдобрите годинава ќе одлучува интернационалното жири во чиј состав членуваат врвни музички професионалци: Џевдет Сахатџија, Стефан Трифан, Хозе Карлос Гомез, Стела Динкова, Зоран Анич, Ерхан Мујка, Борче Наумовски и Љубомир Наќевски

Инаку, овој фестивал низ годините прерасна во престижна културна манифестација што ги обединува љубителите на класичната гитара. Во текот на изминатите години многу еминентни солисти и педагози, светски познати уметници од областа на класичната гитара, придонесоа овој фестивал да стане препознатлив со својата уникатност.