Тексас

Републиканците и демократите со меѓусебни обвинувања

26.05.2022 12:19

Демократскиот кандидат за гувернер, О’Рурк го обвини гувернерот Абот дека приоритет му е да дозволи секој да носи огнено оружје во јавност без проверка...

Демократите и републиканците со меѓусебни обвинувања по грозоморното убиство во основно училиште во Тексас. Демократскиот кандидат за гувернер, О’Рурк го обвини гувернерот Абот дека приоритет му е да дозволи секој да носи огнено оружје во јавност без проверка.

„Фактот е дека 18-годишно момче може да влезе и да купи оружје дизајнирано за војна и да го користи за нешто што би требало да убива непријателски војници на бојното поле против деца кои имале седум, осум и девет години. Од тоа сум загрижен“, изјави Бето О’Рурк, кандидат за гувернер на Тексас.

Сенаторот на Тексас, Тед Круз ги обвини демократите за унапредување на сопствената агенда по пукањето во училиштето во Увалде Тексас.

„Ова политикантство се случува секогаш кога има масовно пукање. Политиките што ги предлагаат демократите немаше да го запрат ова злосторство или кое било друго. Нивното решение е да се обидат да им го одземат огненото оружје на граѓаните кои го почитуваат законот“, изјави Тед Круз, американски републикански сенатор, Тексас.

Семејствата на жртвите се борат со реалноста на животот.

„Само сакам моето девојче да се врати. Ништо нема да се промени. Ова секогаш се случува во малите градови. Никој не очекува нешто лошо да се случи, а потоа се случува и сите сакаат да направат промени за да се спречат ова да се случи повторно“, рече татко на жртва.

„Тој влезе внатре и рече: „Време е да се умре. Кога пукаше, беше многу гласно. И ме болеше увото. Кога ги видов куршумите на подот. Знаев дека е реално. Му реков на мојот пријател да се скрие под нешто. Така, нема да не најде“, рече преживеан ученик.

Напаѓачот половина час пред нападот објавил на социјалните мрежи дека ќе го стори тоа. Жителите на Увалде, Тексас, присуствуваа на молитвеното бдеење за жртвите од пукањето. Многумина се лути поради доцнењето на полицијата, која реагирала 40 минути откако напаѓачот влегол во училиштето.

Марина Ристова