Ќучук: Проширувањето треба да се одвива заедно со интеграцијата внатре во ЕУ
Проширувањето треба да се одвива заедно со интеграцијата внатре во ЕУ, посочи известувачот на европскиот парламент за земјава Илхан Ќучук. Смета дека ова е решение за отстранување на ветото и почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија. Заменик-претседателот на бугарскиот парламент Вигенин отфрли дека е можно отстранување на ветото оти не се исполнети бугарските барања...

Решение за отстранување на бугарското вето за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија е паралелна интеграција внатре во Унијата и продолжување на проширувањето. Ако не успееме Европа ќе се урне, изјави европратеникот и известувач за земјава Илхан Ќучук на дебатата „Либералите за иднината на Европа“ во Софија. Истакна дека е против идејата да се раздели процесот со Скопје и Тирана.
„Не можеме да гледаме рамнодушно кон земјите од западниот Балкан. Во последно време кружи идејата да се раздели Албанија од Северна Македонија и да и дадеме почеток на преговори на Албанија, но не и на северна Македонија, но одлуката за пристапување на ЕУ беше за двете држави. Како ќе го објасниме ова на идните генерации дека инсистираме дека имаме заедничко минато и дека сакаме да имаме иднина заедно со Северна Македонија во ЕУ. Како да ги раздвоиме една од друга држава. Каков морален имиџ ќе има Бугарија на меѓународната сцена, ако го дозволиме ова“, изјави Илхан Ќучук.
Не е можно да почнат преговори со Северна Македонија, оти нема напредок, со спротивен став е заменик-претседателот на бугарскиот парламент Вигенин. Според него, не се исполнети условите што ги бара Бугарија.
„Денеска немаме причина да кажеме дека треба да се укине ветото. Ако ништо не се случи, нема шанси да го укинеме ветото. Ние мора да ги следиме нашите цели“, изјави Кристиан Вигенин, заменик-претседател на бугарскиот парламент.
Вигенин смета дека нема потреба бугарскиот парламент да расправа за нова резолуција и дека нема причина да се свика Националниот совет за безбедност за односите со Северна Македонија како што побара премиерот Петков.
Ирина Гелевска
