Македонија

Бесими: Ребалансот е одговор на кризата, предвидува кратења, но и додавања

26.05.2022 13:45

13,4 милијарди денари ќе се скратат, но во некои делови и ќе се додадат пари, вели министерот за финансии Бесими. Според него ребалансот е одговор на кризата која не можела да се предвиди. Сè уште се чека одговорот на ММФ за позајмица од 900 милиони евра, но земјава наредната година ќе живее и од парите на поддржувачите. ЕУ планира околу 100 милиони евра за дигитализација, зелена трансформација и човечки капитал..

Предвидувања, кратења и додавања. Министерот за финансии, Фатмир Бесими, вели дека кога се подготвувал буџетот за 2022 година неможело да се предвиди кризата, затоа ребалансот е одговор на она што ни се случува. Тој очекува Собранието во наредните денови да закаже пленарна седница за ребалансот.

Пред неколку дена во Брисел, беа потпишани заклучоците од економско-финансискиот дијалог. Овој документ е значаен, вели Бесими, бидејќи до секоја реформа пишува точно кој е изворот на финансирање. ЕУ останува поддржувач за задачите кои треба да се исполнат следната година.

„Обезбедивме приближно 100 милиони евра годишно за земјава. Тоа ја покрива целата наша помош, од техничка, политичката поддршка што ја даваме преку градење инфраструктура, патишта, постројките за третман на вода, отстранување на прекин и така натаму. Значи тоа е приближно 100 милиони евра а тоа исто така ги вклучува и економскиот инвестициски план кој беше претставен од комесарот Вархеј и кој е во процес на имплементација“, изјави Дејвид Гир, евроамбасадор.

Фокусот на кој ќе се потрошат овие пари се дигитализацијата, зелената транзиција и човечкиот капитал. Реформите во образованието се приоритет, но Бесими потенцираше оти неговото министерство не е адресата за протести на синдикати кои бараат покачување на платите. Тврди дека не ветил покачување, но исто така спомена дека разговараат за барањата на ССМ.

Катерина Топалова