Македонија

Џафери: Нема повреда на деловникот, нема да дозволам никакви наредби од белиот дворец

26.05.2022 14:31

Според опозиционерите, Собранието не е повеќе демократска институција, туку институција заробена од еден автократ којшто си дозволува да се однесува како Собранието да е негова приватна сопственост...

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе поднесат интерпелација за собранискиот спикер Џафери. Пратеници беа заклучени во пленарната сала по негова наредба, рече координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Мицевски. Според партијата, сето ова се случува со амин и знаење на СДСМ коишто секојдневно ги бранат постапките на Џафери. Според опозиционерите, Собранието не е повеќе демократска институција, туку институција заробена од еден автократ којшто си дозволува да се однесува како Собранието да е негова приватна сопственост.

Провидна е намерата на опозицијата која ја опструира работата на Собранието да создава лажна претстава за работата на претседателот на Собранието, велат од кабинетот на Џафери. Деловникот дозволува можност за затворање на вратите на салата на барање на претседателот или на еден пратеник поддржан од 10 негови колеги. Нема повреда на деловникот и на процедурата, нема да дозволам никакви наредби од белиот дворец, возврати спикерот Џафери. Смета дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се однесуваат така како што им одговара.

На седницата за пратенички прашања, во фокусот однесувањето на собранискиот спикер Џафери и неговите навреди и пцости кон собраниските службеници. ВМРО-ДПМНЕ побара одговор од премиерот Ковачевски дали разговарал со Џафери и каков е ставот во однос на неговото однесување.

Шефот на Владата-дециден, јас не сум портпарол на претседателот на Собранието. Законодавниот дом е институцијата каде што треба да се разгледуваат вакви прашања, рече Ковачевски.

ВМРО-ДПМНЕ до претседателот на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања поднесе пријава со доказите за недоличното однесување на Џафери. Се чека на Панчо Минов да ја свика Комисијата за дисциплинската постапка за однесувањето на спикерот Џафери кон вработени во Собранието.

Марина Т. Стојанова