Македонија

Ковачевски: Одлуката за автокефалност на МПЦ-ОА е од огромно значење за иднината на државата

26.05.2022 14:51

Одлуката за признавање на автокефалноста на МПЦ-Охридска Архиепископија е од огромно значење за иднината на државата, оценка на премиерот Ковачевски. Македонците и македонскиот јазик се впишани во ризницата на светските народи и јазици и никој нема повеќе дилеми и никој повеќе тоа не го оспорува, додаде шефот на Владата...

Одлуката за признавање на автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија од СПЦ е историски момент, со огромни импликации за иднината на нашата држава, оцени премиерот Ковачевски. Одговарајќи на пратеничко прашање, шефот на Владата додаде дека се затвори последното идентитетско прашање во остварувањето на историското заслужено и природно право, православните верници во Македонија да имаат канонски признаена и прифатена црква од заедниците во целиот православен свет.

Иако сме секуларна држава, на важните прашања за граѓаните, во случајот за македонскиот народ, местото им е и во Собранието, рече пратеничката Колева од СДСМ. Праша-дали ова ќе влијае и на другите отворени прашања со соседите.

По одлуката на српскиот сабор да ја признае автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, останува надежта дека веќе на 12-ти јуни ќе добие Томос од вселенската патријаршија. На Духовден, во Фанар-Цариград, на заедничка богослужба ќе чиноначалствуваат македонскиот архиепископ Стефан и вселенскиот патријарх Вартоломеј.

Милчо Велески