Одбојка

Капитенот е задоволен од првата победа на одбојкарите во Европската лига

26.05.2022 21:06

Победата над Босна и Херцеговина на почетокот на годинашното континентално натпреварување е убава најава пред саботното гостување во Романија и потоа двомечот со Албанија...

Скромноста отсекогаш е одлика на македонските одбојкари, дури и кога објективно се фаворити за остварување на поставените цели. Но овој пат во Европската сребрена лига, првично изразената желба не е пехар, туку постојана форма на тимот и се поголема улога на помладите репрезентативци.

Победата над Босна и Херцеговина на почетокот на годинашното континентално натпреварување е убава најава пред саботното гостување во Романија и потоа двомечот со Албанија.

„Искрено, пред мечот имав трема како првпат да играм за репрезентацијата. Затоа сум многу среќен поради овој триумф, особено поради помладите. Ние имаме тројца нови играчи во ротација, како поискусни треба да им помагаме, да се приспособиме на нив, а притоа сакаме и да победуваме и седми пат да одиме на завршниот турнир“, рече капитенот на македонската одбојкарска репрезентација Никола Ѓорѓиев.