Воен конфликт

Источна Украина под силен руски напад

27.05.2022 10:12

Источна Украина под силен непријателски оган. Жртви во последните напади во Харков. САД се подготвуваат да испратат моќни ракетни системи во Украина. Вашингтон го отфрли барањето на рускиот претседател Путин. Нема да ги укинат санкциите во замена за деблокада на црноморските пристаништа. Уште двајца руски војници на судење за воени злосторства..

Експлозии во Дњепро, напади во Харков и Северодоњецк. Украина ја обвинува Москва за геноцид.

„Во градовите во близина на границата со Русија, во Доњецк и Луганск ги собираат сите што можат за да ги заменат убиените или повредените. Вршењето притисок врз Русија значи спасување на животи“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

„Морам да преживеам. Не размислувам за бомбардирањата, експлозиите. Само морам да останам жив.“

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден се подготвува да испрати во Украина ракетни системи М142 (ХИМАРС) со домет од стотици километри. Конечната одлука би можела да биде објавена следната недела. Вашингтон го отфрлија барањето на рускиот претседател Владимир Путин за укинување на економските санкции во замена за деблокада на црноморските пристаништа. Русија и Украина се важни извозници на житарки и играат клучна улога во глобалното снабдување со храна.

На второто судење за воени злосторства во Украина, два руски војника се изјаснија за виновни по обвинението за ракетни напади врз цивилни објекти. Доколку бидат осудени, Александер Алексејевич Иванов и Александер Владимировиќ Бобикин може да добијат казна затвор до 12 години. Првото судење во Украина за воено злосторство од почетокот на руската инвазија, заврши со изречена казна доживотен затвор за 21-годишниот Вадим Шишимарин. Тој е осуден поради убиство на невооружен цивил.

Маја С. Филдишев