Воен конфликт

САД се подготвуваат да испратат ракетни системи во Украина

27.05.2022 12:35

Источна Украина под силен непријателски оган. Жртви во последните напади во Харков. САД се подготвуваат да испратат моќни ракетни системи во Украина. Вашингтон го отфрли барањето на рускиот претседател Путин. Нема да ги укинат санкциите во замена за деблокада на црноморските пристаништа. Уште двајца руски војници на судење за воени злосторства...

Експлозии во Дњепро, напади во Харков и Северодоњецк. Украина ја обвинува Москва за геноцид.

„Во градовите во близина на границата со Русија, во Доњецк и Луганск ги собираат сите што можат за да ги заменат убиените или повредените. Вршењето притисок врз Русија значи спасување на животи“, Володимир Зеленски, претседател на Украина.

„Морам да преживеам. Не размислувам за бомбардирањата, експлозиите. Само морам да останам жив“.

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден се подготвува да испрати во Украина ракетни системи М142 со домет од стотици километри. Конечната одлука би можела да биде објавена следната недела. Вашингтон го отфрли барањето на рускиот претседател Владимир Путин за укинување на економските санкции во замена за деблокада на црноморските пристаништа. Русија и Украина се важни извозници на житарки и играат клучна улога во глобалното снабдување со храна. Последиците се чувствуваат и на двете страни.

„Навигацијата не е густа во западниот дел, има само неколку пловила. Ова е област со активни воени дејствија, постои реална закана од напади“.

„Бродскиот сообраќај е целосно запрен, вклучувајќи ги и рибарските бродови. Од северозападен Крим се паркирани овде, забрането им е движење. На 18-ти мај добивме дозвола да пловиме за да ја собереме риболовната опрема која остана на отворено море од 24 февруари поради специјалната операција“.

Во меѓувреме, уште двајца руски војници се изјаснија за виновни за воени злосторства. Обвинети се за ракетни напади врз цивилни објекти. Доколку бидат осудени, Иванов и Бобикин може да добијат казна затвор до 12 години. Претходно, поради убиство на невооружен цивил, нивниот колега, 21-годишниот Вадим Шишимарин доби доживотна затворска казна.

Маја С. Филдишев