Македонија

Се враќа интересот за летувањата

27.05.2022 13:29

Стабилната состојба со коронавирусот и отворените граници го вратија интересот на граѓаните за патувања. Туристичките работници задоволни што по две години, оваа сезона ќе можат да ги реализираат летувањата и да се обидат да ги надминат загубите. Посочуваат дека глобалната криза влијаеше и на цените на аранжманите, но сепак велат не се работни за енормни разлики..

Туристичките работници задоволни, но и изненадени од големиот интерес на граѓаните за патување. По две години целосна затвореност поради ковид пандемијата, велат граѓаните со нетрпение ја чекаат сезоната. Најбарани се Грција, Турција и Египет. Мерките се различни зависно од локацијата. Но нема ограничувања за видот и периодот на вакцината. Во Грција и Албанија патувањето е без ковид протоколи.

Се патува потполно исто како што се патувало пред пандемија и сега. Интересот е навистина зголемен, но сето она што се случуваше последните две години сега ни се рефлектира како проблем, бидејќи дефинитивно беа кризни годиниве. Кај сите соседни земји и не само соседни и Турција, мислам дека само за таму се пополнува еден документ, сето она што беше како забрани, вакцини, рок на траење, трета доза, сето тоа е укинато сега-вели Драган Трајковски, туристички работник од Куманово.

Туристичкиот сектор беше еден од најпогодените од пандемијата од коронавирусот. Поради мерките и затворените граници тие беа спречени да ги реализираат патувањата, па како резултат на тоа се затворија и голем број агенции.

Лани патуваа оние што имаат храброст, оние што сакаат да патуваат. За жал се работеше од некоја сезона од 3 до 4 месеци. Зимава знаете сè уште имаше мерки така што само доаѓавме во агенцијата отворавме и затворавме како резултат на пандемијата и мерките. Оваа година се надеваме дека ќе ги вратиме туристите и ќе се вратиме на нивото барем пред пандемијата-истакна Анита Трајковска Петковска, туристички работник.

Туристичките работници посочуваат дека годинава цените за летувањата ќе бидат поголеми поради глобалната кризи, но велат сепак не станува збор за драстични разлики, со оглед на покачувањата на храната, горивата и енергенсите.

Елена Георгиевска