Вонреден Коалициски совет во Софија

Бугарија: Македонија не е подготвена да ги почне преговорите со Европската Унија во оваа фаза

27.05.2022 14:32

Во Софија вонреден Коалициски совет, на кој се очекува премиерот Петков да го претстави досега постигнатото во дијалогот со Македонија. Коалициските партнери велат дека ќе слушнат што има ново да каже премиерот, но со порака-ставот е базиран на позицијата утврдена со декларација на Народно Собрание и на Претседателскиот советодавен совет...

Главна тема на Советот на бугарската владејачката коалиција, македонските евроинтеграции. Се очекува премиерот Петков да им објасни на 4-те партнери зошто побарал претседателот Радев да го свика Консултативниот совет за национална безбедност и да го претстави постигнатото во дијалогот со Скопје. Пред состанокот, повеќето партнери во Владата со став дека Македонија не е подготвена да ги почне преговорите со Европската Унија во оваа фаза. Единствено во „Продолжува промената“ воздржани од коментар.

„Нема ништо на темата Северна Македонија што може да го промени ставот на Бугарската Социјалистичка партија. Единственото нешто што може да го промени ставот е спроведувањето на договорот од 2017 година, што не го гледаме во оваа фаза“, изјави Георги Свиленски, Бугарска Социјалистичка партија.

„Ставот на Демократска Бугарија е дека од национален интерес е Република Северна Македонија да биде членка на Европската Унија откако ќе ги исполни нашите очекувањата. Тоа се теми поврзани со таканаречените копенхашки критериуми. Северна Македонија до денес не ги исполнува“, изјави Христо Иванов, Демократска Бугарија.

Од „Има таков народ“ на Слави Трифонов велат дека нивниот став е јасен и базиран на позицијата утврдена со декларацијата на Народно собрание и на Претседателскиот совет. Како шпекулации ги оценуваат тврдењата дека ќе ја напуштат коалицијата. Бугарските социјалисти сметаат дека нема потреба да заседава Консултативниот совет за национална безбедност, со оглед дека нема никаков напредок во разговорите со Македонија.

Милчо Велески