Османи: Слободата на сите европска земји денес се брани во Украина
Северна Македонија го поддржува предлогот за доделување на кандидатски статус за членство во ЕУ на Украина – ова му го порача Османи на колегата Кулеба. Еу треба да се прошири за земјите од западен Балкан, кои негуваат слични и значајни вредности со европските му возврати украинскиот министер. За време на посетата на министерот Османи повторно беше отворена македонската Амбасада во Киев.

Евроатлантските аспирации – централна тема на средбата на шефот на дипломатијата Османи со неговиот украински колега Кулеба во Киев. Османи истакна дека ќе ја поддржи кандидатурата на Украина и рече дека државата од почеток се приклучила кон сите мерки на осуда и санкции против Руската Федерација.
„Северна Македонија го поддржува предлогот за доделување на кандидатски статус за членство во ЕУ на Украина. Ова ќе даде јасен сигнал дека местото на Украина е во Европска Унија со поддршка на огромен број на Украинци. Слободата на Северна Македонија и секоја друга европска земја денеска се брани во Украина, и Украина ја заслужува сета почит, помош и поддршка“, изјави Османи.
Украинскиот министер за надворешни работи Кулеба се заблагодари за поддршката од страна нашата држава и ја изрази поддршката на Украина за напорите на нашата земја за членство во ЕУ. Тој повторно повика на осуда за како што рече „геноцидот кој Русија го врши во Украина“, истакнувајќи дека Северна Македонија добро разбира како е кога некој против вашиот идентитет и култура.
„Украина целосно го поддржува членството на Северна Македонија во ЕУ и ние посакуваме нашата пријателска земја што побргу да стане дел од ЕУ. Мојата позиција е дека ЕУ треба да се прошири за земјите од Западен Балкан, кои негуваат слични и значајни вредности со европските“, изјави Кулеба.
За време на посетата на министерот Османи повторно беше отворена македонската Амбасада во Киев.
Марина Т. Стојанова
