Енергетика

РКЕ: Поради малверзации на дел од општините, струјата може да поскапи најмалку 10%

27.05.2022 19:42

На граѓаните им се заканува поскапување на струјата за 10 проценти поради малверзации на дел од општините, коишто направиле трошок од 30 милиони евра. Локални самоуправи за да си ги намалат сметките, формирале јавни претпријатија преку кои струјата за улично осветлување ја обезбедуваат по цена за домаќинствата. Ова зголемување не ги опфаќа пресметкиите за трошоците на енергетските компании кои се уште не се ниту разгледани. Новата цена на струјата ќе важи од јули...

Итриот обид на дел од општините да си ги намалат сметките за струја ќе удри по џебот на граѓаните.

Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика предупреди дека за само четири месеци е направен трошок од 30 милиони евра. Бислимоски вели дека одредени локални самоуправи неоправдано си формирале нови јавни комунални претпријатија и користеле струја за улично осветлување по цена како за домаќинствата. Тоа за граѓаните се заканува да донесе најмалку за 10 проценти повисоки сметки.

„Јас верувам дека Електродистрибуција ќе објави кои се тие општини и граѓаните да знаат дека општините не се грижат за нив и измислуваат финти за да се вратат назад на регулираниот пазар и заради тоа, само за првите 4 месеци имаме трошок од 30 милиони евра. Тој трошок значи за 10 проценти зголемување на цената на електричната енергија за граѓаните“, изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Барањата на енергетските компании сè уште не се разгледани. Се чека МЕПСО по што ќе се објави која компанија колкаво поскапување бара. За да се спречи ценовен шок, клучно е дали ЕСМ ќе покрие 100 проценти од потребите на регулираниот пазар и која цена ќе ја понуди. Досега цената беше 41 евро за мегават час.

„За да се спречи ценовен шок, јас не гледам друга опција освен ЕСМ да обезбеди 100%, бидејќи ЕСМ досега обезбедуваше по цена од 41 евро за мегават час и секој мегават час неиспорачан кон ЕВН Хоум ќе значи набавка на енергија на слободен пазар по шестпати повисока цена од 250 евра за мегават час“, изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ

Во финална фаза е подготовката на новиот тарифник со којшто ќе има блокови, па оние коишто трошат повеќе, ќе плаќаат повеќе. Се разгледува опцијата за потрошени над 250 киловати да се тарифира по повисока цена.

Мартин Пушевски