Воен конфликт

Зеленски: Вратете ни го животот, вратете ни го вистинското постоење

27.05.2022 21:14

Источна Украина под силен непријателски оган. САД се подготвуваат да испратат моќни ракетни системи. Уште двајца руски војници на судење за воени злосторства. Москва тврди, обидите на западните да ја уништат Русија достигнаа точка на апсурдност...

Експлозии во Дњепро, напади во Харков и Северодоњецк. Украина ја обвинува Москва за геноцид.

„Кога ќе ме прашаат зошто бараш средба со рускиот претседател – тоа е за нашиот народ да се врати дома, да заврши војната, да се спречи светската криза со храна која трае и која се случува поради блокадата на сите пристаништа во Црно и Азовско море. Има за многу што да се разговара со лидерот на Русија. Не велам дека нашата земја и нашиот народ имаат желба да зборуваат, но мора да се помириме со реалноста. Се што сакаме е да го вратиме она што ни припаѓа. Вратете ни го животот, вратете ни го вистинското постоење, животот на независна, суверена држава, вратете ги нашите територии“, рече Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден се подготвува да испрати во Украина ракетни системи М142 со домет од стотици километри. Конечната одлука би можела да биде објавена следната недела.

„Западот ни објави војна, тоа не е тајна. Традицијата на уништувањето на Русија и сè поврзано со нашата земја достигна точка на апсурдност. Се забрануваат класици како Чајковски, Достоевски, Толстој и Пушкин. Гледате како САД и нивните сателити ги зголемуваат за 2, 3 и 4 пати напорите за ограничување на нашата земја употребувајќи широк спектар на средства – од еднострани економски санкции до целосно лажна пропаганда во медиумскиот простор“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

Вашингтон го отфрли барањето на рускиот претседател Владимир Путин, за укинување на економските санкции во замена за деблокада на црноморските пристаништа. Русија и Украина се важни извозници на житарки и играат клучна улога во глобалното снабдување со храна. Последиците се чувствуваат и на двете страни.

„Навигацијата не е густа во западниот дел, има само неколку пловила. Ова е област со активни воени дејствија, постои реална закана од напади“.

„Бродскиот сообраќај е целосно запрен, вклучувајќи ги и рибарските бродови. Од северозападен Крим се паркирани овде, забрането им е движење. На 18 мај добивме дозвола да пловиме за да ја собереме риболовната опрема која остана на отворено море од 24 февруари поради специјалната операција“.

Во меѓувреме, уште двајца руски војници се изјаснија за виновни за воени злосторства. Обвинети се за ракетни напади врз цивилни објекти. Доколку бидат осудени, Иванов и Бобикин може да добијат казна затвор до 12 години. Претходно, поради убиство на невооружен цивил, нивниот колега, 21-годишниот Вадим Шишимарин доби доживотна затворска казна.

Маја С. Филдишев