Граница

Почна метежот на Табановце, транспортерите реагираат на застојот

28.05.2022 12:25

Зголемен е протокот на патници на граничниот премин Табановце. Странските државјани транзитираат низ земјава и се упатуваат на одмор кон Грција. Дел од нив со забелешки дека долго се чека на границите. И транспортерите реагираат на застојот. Тие се надеваат дека инцијативата „Отворен Балкан“ ќе почне да ги дава резултатите.

Летната сезона почна, а со неа и метежот на граничните премини. Едни да пазарат во земјава, а други на одмор во Грција. Од раните утрински часови е полн граничниот премин Табановце, на македонско-српската граница. Оние што ги прашавме, велат- чекаме и по 20-ина минути.

„Чекаме 15-ина минути, се упативме во Грција на летување. Ќе беше добро доколку не се чека, бидејќи не е прв пат кај вас често поминуваме, секоја година по двапати одиме и овде некако најмногу се чека“, вели државјанин на Србија.

„Тргнав на одмор во Грција, не е проблем ќе ја почекаме контролата, пред мене има 10-ина автомобили“, вели друг странски државјанин.

„Тргнавме на одмор во Грција, чекаме некоја минута, но не е страшно“-нагласува трет.

„Тргнавме во Куманово да пазариме, засега чекаме околу 20 минути, многу е“, вели државјанин на Србија.

Дека има благо зголемување на фреквенцијата на сообраќајот потврдуваат и податоците на полицијата. Од полноќ до 10 часот од граничниот премин Табановце во земјава влегле 3.653 лица. Во истиот период од државата заминале 2.617 патници.

И транспортерите кои што влегуваа во земјава за македонската телевизија реагираа на задржувањето. Очекуваат иницијативата Отворен Балкан да започне да ги дава резултатите и да се намали времето на чекање на премините.

„Чекаме на сите граници зависи ако има гужва чекаш цел ден. Во среда по бензинската имаше метеж, пет километри овде“, вели еден транспортер.

„Пред два дена кога тргнав четири часа чекав овде за излез од земјава, треба да се забрза зошто да се чека толку многу“, дополнува друг.

„Околу час и половина чекам, другиве денови има и поголеми гужви. Ќе ни значи времето доколку е побргу, побргу ќе стигаме само да се среди треба“, додава трет.

Освен што треба да го забрза протокот на стоки, очекувањата од Отворен Балкан се и дека иницијативата ќе создаде подобри делови услови и економски развој на регионот, според моделот на Европската унија.

Податоците покажуваат дека граничниот премин Табановце-Прешево е еден од најбрзите премини по проток на стоки. Дневно тука поминуваат по 600, а лани вкупната бројка е 22.000 камиони.

 

Елена Георгиевска