Политика

Мицкоски: Власта капитулира пред енергетската криза, цената на струјата ќе се зголеми за најмалку 10%

28.05.2022 14:57

Најмалку 10%, предвидување на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски за скокот на цената на струјата од први јули. Дополнува, енергијата се краде, не се препродава. Не се очекува значителен раст по одмрзнувањето на цените од први јуни, оценува вицепремиерот Битиќи…

Власта капитулира пред енергетската криза и од 1-ви јули, тоа директно ќе се одрази врз џебот на граѓаните. Цената на струјата ќе се зголеми за минимум 10 проценти, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Како причини го наведе тоа што багерите на РЕК Битола не ископуваат јаглен поради поплавата, цената на уличното осветлување и помалото производство на електрична енергија. За две години имаме за 250 милиони евра помалку производство на електрична енергија, а тендерите се прават во четири очи. Решението на проблемот е земјата да се врати на производството на струја од 2019 година, вели Мицкоски.

„И конечно каде се парите? Многу едноставно ќе ви биде јасно каде се парите, од истиот тој извештај на Регулаторната комисија за енергетика за 2021 година овој извадок можете да забележите дека во 2021 година произведени се вкупно од страна на ЕЛЕМ 3,17 терават часови електрична енергија а само две години претходно во 2019-тата година произведени се 4,25 терават часови електрична енергија од страна на ЕЛЕМ. Што значи дека за една година повеќе од 1 терават час електрична енергија ЕЛЕМ наместо да произведува, тие коишто го водат за жал приоритет им се да склучат договори во четири очи на тој начин да го крадат ЕЛЕМ, а на крај сметката за жал ќе ја платат граѓаните“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

ЕСМ е заштитник на цената на електричната енергија и гарант за спречување ценовен шок за граѓаните. Комбинатот испорачува енергија кон ЕВН Хоум по регулирана цена, сè со цел високите пазарни цени на берзите да не ги погодат граѓаните. Незнаењето или злонамерноста на Мицкоски се недозволиви во овие размери, пишува во демантот од Електрани на Македонија.

А, од први јуни се одмрзнуваат цените на основните прехранбени продукти. Вицепремиерот Битиќи не очекува голем пораст и ценовен шок.

„Состојбата се смири севкупно во производствениот ланец. Онаму каде имаше застој, состојбата е стабилна. Секако будно ќе ја следиме состојбата, а доколку треба да интервенираме поради одредени недоследности, тоа и ќе го направиме“, изјави вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

И додека власта смирува, опозицијата апелира да не се удира по стандардот на граѓаните. По барањето за лидерска средба со една точка за предвремени избори, Мицкоски вели дека може да се разговара и за темите кои се од интерес на граѓаните и нивниот стандард.

Миле Ристески