Повисоки цени за откуп на грозје годинава
Објавени се откупните цени на винарската визба за грозјето од годинашниот род. Нив, присутните лозари ги пречекаа со аплауз. „Тиквеш“ планира да откупи 30 илјади тони, а соработува со две илјади кооперанти од тиквешијата…

Винарската визба „Тиквеш“ ги објави откупните цени за грозјето. Тие се повисоки од ланските. Оваа информација од првиот човек на комбинатот, Светозар Јаневски ја слушаа двесте комитенти, кои беа дојдени на средбата со раководството.
„Тиквеш“ годинава планира да откупи 30 илјади тони грозје, а има две илјади комитенти со кои соработува.
„За вранецот минатата година ви беше понудено 13 денари, а оваа година 16 денари. Смедеревката беше 10, сега ќе ви платиме 12 денари“, изјави Светозар Јаневски, претседател на УО на „Тиквеш“.
Објавувањето на откупните цени беше дочекано со аплауз. Единствена забелешка од лозарите беше што наспроти осетното зголемување на откупната цена на вранецот и смедеревката, сортните вина се со повисока цена од 5 до 7 отсто.
Годинава се очекува рекорден род на грозје, но ќе се јави проблем со откупот, оти во земјава останаа малку визби кои откупуваат.
Петар Печков
