Продолжува руската офанзива, Киев нема да се откаже од Донбас
Доњецкиот басен речиси целиот под контрола на руските безбедносни сили. Киев реши да се повлече поради масовното гранатирање на 40-ина градови на украинскиот исток. Побара ракетни фрлачи, Вашингтон обезбеди 624 милиони долари за стингери. Москва го тестираше нуклеарниот проектил Циркон во Баренцово Море.

Украинскиот претседател Зеленски рече дека Русија спроведува очигледна политика на геноцид, но и дека катастрофалните случувања во земјата можеле да се избегнат доколку силите од светот притиснеле да се стави крај на војната. Порачува дека Киев нема да се откаже од донбас.
„Разбираме дека луѓето се свесни за сè и вршат притисок врз нивните власти. Властите се плашат дека општеството ќе им ја одземе власта и затоа воведуваат санкции. Но, некаде зад сцената и помагаат на Русија да заобиколи многу санкции затоа, за жал, не гледаме дека санкциите вршат голем притисок врз Русија. Санкциите се вистинското оружје против Русија, оружјето на светот против Русија која одзема животи“, нагласи Зеленски.
Зеленски рече дека Русија „добива речиси милијарда евра дневно од европејците за снабдување со енергија“, додека „Европската унија се обидува да договори шести пакет санкции против Москва“. Тој тврди дека Украина секогаш ќе биде независна држава и нема да биде скршена. Властите во Хрков соопштија дека руското гранатирање убило најмалку седум цивили, ранети биле 17. Жестоки борби се водат на север и исток од градот.
„Непријателот спроведува активни офанзивни операции во правец на Доњецк. Продолжува со гранатирање на нашите единици долж линијата на контакт со ракетни напади“, вели Олександр Штупун, портпарол на генералштабот на вооружените сили на Украина.
Гувернерот на Луганск смета дека украинските сили можеби ќе треба да се повлечат од последното упориште во регионот за да се избегне заробување, бидејќи руските сили влегле во Северодоњецк.
„Конфликтот во Украина влегува во четвртиот месец. Нашите колеги се крајно загрижени за судбината на цивилите, бидејќи непријателствата дополнително ескалираат во источните области, особено во Луганск и Доњецк“, изјави Стефан Дујариќ, портпарол на Генералниот секретар на ОН.
Рускиот претседател Путин го одбележа денот на граничната стража.
„Сакам да ги пофалам добро координираните и храбри акции на персоналот на руската гранична служба за спречување на секаков вид провокации и обиди за саботажа, пред сè на деловите на нашата државна граница во областите на специјалната воена операција“, нагласи Путин.
Руското министерство за одбрана потврди дека градот Красни Лиман во Доњецк бил целосно ослободен од украинските националисти.
Руската фрегата „Адмирал Горшков“ успешно тестираше нова хиперсонична ракета „Циркон“ врз морска цел лоцирана во Белото Море.
Марина Ристова
