Хуманитарна акција за помош на бегалците од Украина
Голем одзив на хуманитарната акција за помош на бегалците од Украина. И покрај хуманоста на македонските граѓани, велат дека им е неопходна помош од државата. Заменикот народен правобранител Андоновски апелира институциите веднаш да донесат одлука со која тие би имале право на вработување и здравствена заштита. Во Македонија има околу 300 украински бегалци…

Украинците кои поради војната ги напуштија своите домови и најдоа засолниште во земјава, се оставени на маргините. Заменик-народниот правобранител Андоновски вели дека тие немаат право да се вработат, да имаат здравствена заштита, а нивните деца не можат да посетуваат градинка, ниту училиште. И по три месеци од почетокот на воениот конфликт, 300 бегалци од Украина живеат на работ на егзистенцијата. Андоновски повика државата да покаже хуманост.
Бегалците секој ден се соочуваат со неверојатни предизвици. Потребна им е поддршка и помош. За таа цел, во изминативе денови голем број Македонци донираа парични средства. Од Здружението на граѓани од Украина благодарни, велат, во тешки времиња се познаваат вистинските пријатели. Заменик-амбасадорот Роман Буга се надева дека хуманоста ќе продолжи.
Откако Русија ја нападна Украина, над 4 милиони Украинци избегаа од земјата. Во приморските земји живеат над 10.000 луѓе, најголем дел од нив се сместени во хотели.
Поради почетокот на туристичката сезона, најавите се дека голем број на бегалци ќе бидат принудени да ги напуштат туристичките капацитети, а со тоа и да порасне бројот на бегалци кои ќе пристигнат во земјава.
Викторија Милевска
