Охридско езеро

Изградбата на пречистителната станица во Радожда сè уште не е започната

29.05.2022 14:03

Со пречистителна станица во Радожда ќе се заокружи колекторскиот систем од струшка страна на Охридското Езеро. Ќе се намали загадувањето на Охридското Езеро, како клучна препорака на УНЕСКО. Владата лани во февруари побара овој проект да биде приоритет, но изградбата сè уште не е започната…

Со изградба на пречистителна станица ќе се заокружи колекторски систем од струшко Радожда. Ќе се намали загадувањето на Охридското Езеро, како клучна препорака на УНЕСКО, а водата ќе биде побезбедна за капачите.

Наместо продолжување на постоечкиот цевковод на колекторот од Елен Камен, поради заштеда на електрична енергија ќе се гради пречистителна станица.

„Нашето размислување е Радожда да се реши со сопствена пречистителна станица со капацитетите коишто ги има Радожда. Прочистената вода да може дирекно да се влева во Охридското езеро“, вели Владимир Алексијоски директор на ЈП Колектор.

ЈП Колектор ќе го снима целосно колекторскиот цевковод со цел да се детектираат дивите приклучоци кои го отежнуваат нормалното функционирање, а во струшко ги има многу.

„Во план ни е да го снимиме целосно колекторскиот цевковод и да продолжиме со санацијата која ја отпочнавме а којашто ни беа доделени средства и истата таа како прва фаза е успешно завршена“, вели Алексијоски.

Владата во февруари лани побара проектот за колекторски систем во Радожда, во насока на отстранување на сите ризици по Охридското Езеро и охридскиот регион, да биде приоритетен за 2021 – 2022 година, но изградбата сè уште не е започната.

Соња Рилковска