Дивоградби

Тетово стана бетонска џунгла, урбан хаос и на Попова Шапка

29.05.2022 14:54

Наместо хуман урбан простор за живеење, Тетово последниве две децении стана бетонска џунгла, со променета клима и амбинет за живеење. Во градот под Шар Планина повеќе и не се чуствува шарскиот воздух. Огромните зданија и дивоградбите ја спречија нормалната циркулација на воздухот, но нив, ниту некој ги запира, ниту ги урива.

Тетово со целосно променет урбан лик. Бетонизирано градското јадро, но и периферијата. Голем дел од објектите неплански градени, без дозволи. Но, и заштитените подрачја како центарот Попова Шапка со голем број дивоградби. Проценките се дека тука има стотина бесправно изградени објекти.

Нури Бајрами од Државната комисија за спречување на корупција, вели дека донесувањето на нови закони за легализација на дивоградби ги охрабрува инвесторите и понатаму да градат бесправно. Надлежните пак ниту контролираат, ниту постапуваат по пријава за незаконско градење, што е клучно за спречување на оваа појава.

Урбаниот хаос пак е резултат на постојаното менување на законот за градба. Се носат двосмислени законски одредби и недоречености, кои најчесто се злоупотребуваат од инвеститорите, градејќи огромни зданија, вели архитектот Душица Трпчевска- Анѓелковиќ.

И Анѓелковиќ и Бајрами потенцираат дека мора да се дејствува превентивно, ако сакаме да ги спречиме дивоградбите. Но, за тоа велат, потребни се повеќе инспекциски служби кои ќе работаат професионално и без корупција.

 

Зоран Димовски