ВМРО-ДПМНЕ утре ќе ја поднесе интерпелацијата за Џафери
Џафери нема капацитет за водење на Собранието, нити има желба за соработка со опозицијата. Утре во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ ја поднесува интерпелацијата за спикерот Џафери. СДСМ очекува Комисијата за избори и именувања да да го разгледа случајот и да донесе одлука за натамошните собраниски активности...

Поради нестручно и несовесно работење и претседавање со македонското Собрание, ВМРО-ДПМНЕ ја поднесува интерпелацијата за спикерот Талат Џафери. Сè почесто сме сведоци на скандали во неговото работење вели пратеничката Дафина Стојаноска. Потенцира дека Џафери постапува како пратеник на власта, а не како претседател на Собранието. Опозицијата му забележува и за неразгледување на интерпелации на фунционери, непродолжување на седници со закони поднесени од опозицијата, отфрлање нивни амандмани спротивно на Деловникот. Талат Џафери покажа дека нема капацитет за правилно водење на Законодавниот дом, вели Стојаноска.
„Ние не очекуваме дека власта, предводена од СДСМ и Димитар Ковачевски, ќе се охрабри и ќе ја изгласа оваа интерпелација, и дека 61 пратеник од власта ќе го чујат гласот на народот и ќе гласаат за разрешување на Талат Џафери. Но, добро е граѓаните да го видат лицето на ДУИ и СДСМ, како сложно го бранат неодбранливото дивеење врз Уставот, Деловникот и законите, од страна на Талат Џафери“, додава Стојаноска.
Социјалдемократите се воздржани околу искажаните вулгарности од Џафери и заклучувањето на вратата за време на седница. Ќе чекаат собраниската Комисија за избори и именување да го разгледа случајот и да донесе заклучок.
ВМРО-ДПМНЕ не се надева на поддршка од владејачките партии при отповикувањето на Џафери, останува да се види дали точката ќе биде воопшто ставена на дневен ред на некоја од наредните седници.
Миле Ристески
