32,5 милиони евра за субвенции за земјоделците
Годинава за растителното производство се обезбедени субвенции од 32,5 милиони евра. По 12,000 денари за хектар им следуваат на земјоделците за сите полјоделски култури кои ќе употребуваат сертифицирано семе. Другите имаат право на двојно помалку или само по 6,000 денари за хектар. Пријавувањето е електронски и ќе трае до утре, 31-ви мај, иако, се очекува Владата да го продолжи рокот за уште еден месец...

Производителите на пченица, житни и индустриски култури и сончоглед, доколку употребиле сертифициран семенски материјал ги исполнуваат условите за субвенции од 12.000 денари за хектар за минимум засеана површина од 0,5 хектари.
За површини од 5 до 50 хектари со употребен семенски материјал, на земјоделците им следуваат 14.400 денари за хектар.
За другите кои ќе сеат со обично семе, поддршката изнесува двојно помалку односно 6.000, за сончогледот и афионот 8.000, а за оризот 18.000 денари.
Доколку е засеан на површини од 5 до 50 хектари субвенцијата за оризот се зголемува на 25 односно 30.000 денари.
Инаку за растителното производство, за поголемите насеани површини, финансиската поддршка скалесто се намалува и над 100 хектари ќе се исплаќаат до 30 проценти од субвенцијата.
Дополнително за нивите со житни култури и сончоглед со големина од 5 до 50 хектари следуваат и 5.760 денари по хектар. Услов е да се употреби сертифициран семенски материјал и да се добијат просечни приноси повеќе од 4.000 килограми за пченица, 3.000 за другите житни култури или 1.500 килограми по хектар за сончоглед.
Методија Трајков
