ODW ELEKTRIK ќе отвори 1.000 работни места во охридско- струшкиот регион
Германската компанија ODW ELEKTRIK планира да гради фабрика во ТИРЗ во Охридско-струшкиот регион, во која најаваува 1.000 нови вработувања. Инвестицијата ќе чини над 15 милиони евра...

Нова странска инвестиција од автомобилската индустрија влегува во Македонија. Германската компанија ODW ELEKTRIK планира да гради фабрика во ТИРЗ во Охридско-струшкиот регион, во која најаваува 1.000 нови вработувања. Инвестицијата ќе чини над 15 милиони евра. Компанијата ќе произведува електрични инсталации за автомобили. Директорот на ODW рече дека во конкуренција за оваа инвестиција биле 5 земји: Србија, Македонија, Бугарија, Белорусија и Молдавија. Претходно тој оствари средба и со премиерот Никола Груевски.
„Причините поради кои решеивме да инвестираме во Македонија се квалификуваната работна сила, добрата индустриска традиција, искуството во индустријата, а друга причина беше одличната поддршка која ја добивме преку организацијата тука“, рече Лудвиг Батон, директор на ODW ELEKTRIK.
„Во текот на наредните неколку месеци ќе ги селектираат првите 100 вработени и ќе ги пратат на обука во Германија. До крајот на годината ќе го почнат производството и потоа планираат да вработат до 1.000 луѓе. Тоа е сериозна бројка на луѓе. Фабриката ќе ја градат во слободната економска зона Охрид- Струга на површина од 10.000 квадратни метри, која што веќе почна да се гради, а паралелно со изградбата на зоната ќе се гради и фабриката“, изјави премиерот Никола Груевски.
Првично ова ќе биде браунфилд инвестиција, и почетното производството ќе започне во веќе постоечки објект. До крајот на годината се планира да се вработат првите 100 луѓе.
„Оваа компанија е добавувач на Американската компанија KSS која минатата недела го потврди инвестирањето во ТИРЗ Кичево, што значи дека се повеќе компании кои се добавувачи на посточеките компании кои донесле одлука за инвестирање во Македонија одлучуваат да дојдат и да инвестираат кај нас“, вели Виктор Мизо, Директор на Дирекцијата за ТИРЗ.
ODW ELEKTRIK има над 2.000 вработени во своите капацитети во Германија, Унгарија и Украина. Инаку, ODW произведува електрични инсталации за најпознатите автомобилски брендови како Мерцедес, Порше, БМВ и Фолсваген.
Дарко Штаргоски
