Сè уште се работи на локализирање на пожарот во Тетово
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов инфомираше дека се добиени хеликоптери од МВР со чија помош се истури вода на објектите зафатени од пожарот. Побарано е да се изврши анализа на квалитетот на воздухот. Сè уште се чекаат официјални информации...

Голем пожар избувна во фабрика за пластика која се наоѓа во кругот на поранешниот Тутунски комбинат во Тетово. Гори магацин за складирање, а густ чад се забележува во градот. Противпожарните екипи од повеќе градови на терен се справуваат со огнот. Присутна е и војската. Сè уште се работи на локализирање на пожарот. Од страна на Центарот за управување со кризи (ЦУК) се активирани сите надлежни институции.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов инфомираше дека се добиени хеликоптери од МВР со чија помош се истури вода на објектите зафатени од пожарот.
„Хеликоптерот го употребивме тогаш кога проценивме дека може да помогне во сечење на линијата на пожарот за да продолжи неговото ширење. На одредено растојание околу стотина метри од местото каде што е пожарот наверојатно има садови со експлозив, со експлозивни гасови, односно плин или други деривати на плинот. Наша цел е да го прекинеме неговото ширење и сметам дека тоа веќе успешно се прави“, потенцира Ангелов.
Побарано е да се изврши анализа на квалитетот на воздухот. Сè уште се чекаат официјални информации, но почетните информации се дека нема отровни гасови што би биле непосредно загрозувачки.
На местото на пожарот пристигна и тимот од радиолошко- хемиска биолошка заштита, кои можат да направат едно првично испитување на воздухот, но воедно од страна на ЦУК се упатени барања до врвни стручњаци и институции коишто ќе направат детална анализа на воздухот, изјави Ангелов.
